• среда, 13 ноември 2024

Десетици светски лидери во Ерусалим на собир против антисемитизмот

Десетици светски лидери во Ерусалим на собир против антисемитизмот
Ерусалим, 23 јануари 2020 (МИА) - Десетици светски лидери се собраа денеска во Ерусалим на најголемата комеморација за холокаустот одржана досега како дел од борбата против антисемитизмот. Рускиот претседател Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот принц Чарлс, американскиот потпретседател Мајк Пенс, како и претседателите на Германија, Италија и Австрија се меѓу повеќе од 40 официјални претставници кои присуствуваат на Петтиот светски форум за холокаустот, кој се поклопува со одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето од логорот на  смртта во Аушвиц. Тричасовниот настан во Меморијалниот центар „Јад Вашем“ во Ерусалим, наречен „Сеќавање на холокаустот: Борба против антисемитизмот“, има за цел да покаже дека постои обединет фронт во одбележување на геноцидот врз европските Евреи, во услови на зголемено насилство врз Евреите ширум континентот и низ целиот свет. Полскиот претседател Анджеј Дуда го бојкотира собирот бидејќи не е поканет да зборува. Пред собирот, израелскиот претседател Рувен Ривлин ги повика светските лидери „да ја остават историјата на историчарите“. Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху смета дека тоа е можност да го зацврсти својот дипломатски статус и да добие поттик пред третите избори за помалку од една година, закажани за 2 март. Овој собир е еден од најголемите во историјата на Израел. За безбедноста во Ерусалим  и на главните автопатишта се ангажирани повеќе од 10.000 полицајци, а делови од градот се затворени. Фондацијата на Светскиот форум за холокаустот е основана во 2005 година и досега се одржан форуми во Аушвиц, Украина, Баби Јар и во поранешниот логор Терезин. Првпат се одржува во Израел. Истражувачите од Универзитетот во Тел Авив објавија дека минатата година значително се зголемиле насилните напади врз Евреите и дека најголем број Евреи биле убиени по повеќе децении. Регистрирани се 400 случаи, а порастот е најдраматичен во Западна Европа, во Германија, за околу 70 проценти. паг/    

Остани поврзан