Десетина нови книги на издавачката дејност „Св.Ѓорѓи Полошки“ на Повардарската епархија
- Издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ во изминативе неколку месеци од годинава го збогати својот книжен фонд со повеќе нови изданија, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, излегоа од печат книгите: „Средба со Бог“ од Старец Ефрем Филотејски, „Света Ксенија Петроградска“, „Свети Нектариј Егински“, ново издание на „Давидов Псалтир“, „Старец Јосиф“, „Света Гора – Небесна земја“ од светиот епископ Велички Гаврил, „Старец Пајсиј Светогорец“, „Голем е Бог“ од Старец Клеопа, како и книгите „Пастирска помош за душевно болни“ и „Како да ги исчистиме болестите на душата“.
Велес, 3 декември 2024 (МИА) - Издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ во изминативе неколку месеци од годинава го збогати својот книжен фонд со повеќе нови изданија, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, излегоа од печат книгите: „Средба со Бог“ од Старец Ефрем Филотејски, „Света Ксенија Петроградска“, „Свети Нектариј Егински“, ново издание на „Давидов Псалтир“, „Старец Јосиф“, „Света Гора – Небесна земја“ од светиот епископ Велички Гаврил, „Старец Пајсиј Светогорец“, „Голем е Бог“ од Старец Клеопа, како и книгите „Пастирска помош за душевно болни“ и „Како да ги исчистиме болестите на душата“.
Како што информира за МИА, Никола Цилаков уредник во издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“, покрај овие веќе издадени наслови, ги очекуваат да излезат од печат и 3 и 4 том од Делата на свети Јован Златоуст, кои во 8 тома ги издаваат по повод признавањето на Автокефалноста на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија.
Тој појасни дека просветно - издавачката дејност е еден сегмент од функционирањето на Повардарската епархија на кој посветуваат големо внимание, а истовреме се радосни бидејќи нивната работа сите овие изминати години, донесе и непрестајно носи добробит на целиот македонски богољубив народ.
-Верниците, читајќи ги содржините на книгите кои ги издаваме, списанијата, брошурите, се образуваат со основни сознанија за Православната вера, но и наоѓаат практични и советодавни насоки за справување со разни животни предизвици. Затоа и со внимание ги одбираме делата кои ќе се преведуваат и издаваат. Така, на пример, житијата на големите духовни подвижници, кои со својот богоугоден живот станале ореолни светилници во Христа, на многумина им даваат инспирација за водење на вистински црковен живот. Во тематски издадените наслови, како: „Православен христијански брак“ и „Еднаш за цел живот“ луѓето можат да пронајдат многу одговори на прашањата за бракот, „Аномалии на родителската љубов“, пак, нуди непроценливо богатсво од совети за родителството. Книгите „Невидлива борба“, „Пастирска помош за душевно болни“ и „Како да ги исчистиме болестите на душата“ нудат одговори на многу прашања кои се однесуваат на душевната состојба на човекот, односно совети како да ги третираме овие состојби, појасни Цилаков.
Додава дека токму поради овие неколку работи, успеале да ја вратат книгата таму каде што и е местото, во рацете на македонскиот верник, а преку неа и во неговото животно поведение и во неговите животни дела и во тоа, се состои нивната најголема радост.
Книгите може да се најдат во сите храмови низ Повардарската епархија, а можат да се порачаат во Издавачката дејност на Повардарската епархија.
Воедно најавува дека како и во изминатите години и годинава во пресрет на Новогодишните,Божиќните празници и Стара Нoва година –Василица, голем дел од книгите од Издавачката Дејност „Св.Ѓорѓи Полошки“ на Повардарската епархија ќе се продаваат со попуст од 20 до 30 проценти во зависност од книгата. ад/дма/
Фото: илустрација