• четврток, 26 декември 2024

Депо и каталог за највредните примероци од фондот на Охридската библиотека

Депо и каталог за највредните примероци од фондот на Охридската библиотека

Охрид, 6 декември 2023 (МИА) – Во охридската библиотеката „Григор Прличев“ во рамки на одбележувањето на патрониот празник на градот – „Свети Климент Охридски“ денеска ќе биде презентирано новото депо за чување на ретките примероци од библиотечниот фонд, а ќе биде промовиран и новиот каталог што опфаќа дел од новореставрираните книги на библиотеката.

Во рамки на Каталогот за првпат се објавени конкретни факти за богатиот трезор од ретки книги во Библиотеката од кои најстарата „Прохор-Пчињски Изборно евангелие“ датира последната четвртина на 16 век. Самата книга е сопственост на охридската библиотека, но се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Охридската библиотека во реткиот фонд има 812 книги и тоа од периодот 1872 до 1945 година напишани во оригинал или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и италијански автори. Од нив во последниве пет години стручно се заштитени 65 книги. За првпат светлината на денот јавно во пишан документ во овој каталог по едно опсежно истражување е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година.

Во Каталогот се опфатени важни документи што сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ, но и првите научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, дела на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јанески, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски. Библиотеката го поседува и фототипното издание на „Бели мугри“ од Рацин издадено 1939 година.

На свеченоста во библиотеката ќе биде презентиран и проектот за изградба на пристапна рампа во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од младите охридски архитекти здружени во „Колектив АРХРИД“, а ќе бидат доделени и наградите на учениците од основните училишта за најдобрите поетско – прозни творби од распишаниот конкурс по повод Месецот на книгата. аб/са/

Фото: Библиотека Охрид

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан