• среда, 13 ноември 2024

Денови на романски филм во Кинотека

Денови на романски филм во Кинотека

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Со проекцијата на филмот „Луѓе од акција“ (Oameni de treaba / Men of Deeds), во понеделник, 22 мај, во Кинотека почнуваат Денови на романскиот филм. Манифестацијата е во организација на Романскиот културен институт, Амбасадата на Романија и Кинотеката.

„Луѓе од акција“ е романско-бугарска копродукција од 2022 година, во режија Паул Негоеску (Paul Negoescu).

Автори на сценариото се Раду Романјук и Оана Тудор (Radu Romaniuc, Oana Tudor), кои ќе бидат присутни и публиката по проекцијата ќе има можност да разговара со нив.

Сторијата на „Луѓе од акција“  говори за Илие, маж во доцни 30-ти години, кој ужива во лесниот живот на селски полицаец. Неговата пасивност за време на една серија насилни настани, наскоро го претвора во соучесник во убиство. Илие и неговиот нов колега Вали, кој штотуку дипломирал на полициската академија, имаат многу различни мислења за тоа како треба да продолжи истрагата.

Во селото се акумулира тензија, што го принудува Илие да донесе конечна одлука, која испаѓа дека е погрешна. Или можеби е во право?

-По трите филма сместени во урбана средина и снимени според негови сценарија, Негоеску во „Луѓе од акција“  плете филмска приказна во која актерот Јулијан Постелнику (Iulian Postelnicu) остварува блескава улога, наградена на Филмскиот фестивал во Котбус, Германија, минатата година. Во другите улоги Ангел Дамиан, Василе Мурару (Anghel Damian, Vasile Muraru), соопштија од Кинотека.

Филмот ќе биде прикажан на романски јазик, со превод на македонски и англиски јазик, а неговата репризна проекција е закажана за 29-ти мај. 

Како што е најавено, во рамките на Деновите на романски филм, на 23 мај ќе биде прикажан филмот „Ти си Чаушеску“ на Себастијан Михалеску, на 25 мај филмот „Интрегалде“ на Раду Мунтеан, на 26 мај „Не допирај ме“ на Адина Пинтилие и на 27 и 30 мај филмот „Магнетна резонанца“ на Кристијан Мунџиу.бт/дма/

 

Остани поврзан