• среда, 27 ноември 2024

„Денови на медот“ во Скопје до недела, цената унифицирана, 600 денари за тегла

„Денови на медот“ во Скопје до недела, цената унифицирана, 600 денари за тегла

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Мед, полен, матичен млеч, прополис, мешавина на мед со лековити растенија и природна козметика од мед, се само дел од палетата производи што ги нуди годинашната манифестација „Денови на македонскиот мед 2023“.

Манифестацијата почна денеска и ќе трае до недела, 1 октомври, а се одржува на улица „Македонија“ во Скопје.

Тегла мед чини 600 денари, а цената, како што велат производителите, е унифицирана на сите штандови.

-Сакаме да укажеме колкава е важноста на медот и другите пчелни производи во секојдневниот живот и исхраната. За жал, кај нас медот се повеќе се користи како лек, отколку како храна. Според некои статистички податоци, трошиме помалку од еден килограм мед годишно по глава на жител, за разлика од другите земји каде потрошувачката е десет пати поголема. Неминовно е да го смениме ваквиот однос и да го прифатиме медот како значен продукт во исхраната, беше речено на отворањето.

Според производителите, навистина можеме да се пофалиме и да се гордееме со нашиот квалитетен мед за кој во светот добиваме високи признанија.

-Ние сме меѓу ретките земји чии природни услови се одлични за произвиодство на мед. Затоа, сакаме да ја промовираме државата како регион од каде може да се набави природен мед според највисоките стандарди за храна, истакнаа од здружението „Матица“ кое ги организира „Деновите на македонскиот мед 2023“.

Настанот, како и секоја година, овозможува директна комуникација меѓу пчеларите и купувачите, како и одлична шанса за младите потенцијални пчелари да се запознаат со начинот на одгледување пчели и со производството на мед.

„Деновите на македонскиот мед 2023“ се поддржани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Општина Центар. мч/лв/

 

 

Остани поврзан