• четврток, 12 февруари 2026

Денеска во Анкара средба Ердоган - Мицотакис и состанок на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција

Денеска во Анкара средба Ердоган - Мицотакис и состанок на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција

Атина, 11 февруари 2026 (МИА) - Со десет министри од владата грчката делегација, предводена од премиерот на земјата, Кирјакос Мицотакис, денеска ќе учествува на шестиот Висок совет за соработка меѓу Грција и Турција, што ќе се одржи во Анкара. На агендата ќе се најдат билатералните, регионалните и меѓународните прашања, а целта, меѓу другото, е да се задржат отворени каналите на комуникација меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, потоа ќе следува состанокот на Високиот совет за соработка, прес-конференција на двајцата лидери, а потоа и заеднички ручек.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција, Лана Зохиу, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите објасни дека разговорите ќе се фокусираат на темите од билатерален, регионален и меѓународен интерес.

Билатерално ќе се разговара за миграцијата, соработката во цивилната заштита, во економијата и трговската размена, во борбата со организираниот криминал и во културата, а од регионалните и меѓународните случувања на агендата ќе бидат Блискиот Исток, Иран и Украина.

- Целта на Високиот совет за соработка е да се оцени напредокот во билатералната соработка две години по Атинската декларација, исто така да останат отворени каналите на комуникација, да се формулира заедничко уверување за разговори за билатерални теми меѓу двете земји и секако да се направи процена на грчко-турскиот структуриран дијалог и функционалниот однос меѓу Грција и Турција - рече Зохиу.

Посочи дека она што е важно е дека се води дијалог, а тој е на високо ниво, но и дека е важно да постојат канали на комуникација.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека одредувањето на морските зони не е на агендата на Високиот совет бидејќи, како што објасни, не постојат неопходните предуслови.

Делегацијата што ќе ја предводи грчкиот премиер ја сочинуваат министрите за надворешни работи, за национална економија и финансии, за развој, за образование, за миграција и азил, за заштита на граѓаните, за цивилна заштита, за култура, за транспорт и инфраструктура, како и заменик-министерот за надворешни работи, надлежен за економска дипломатија.

Мицотакис во интервју за телевизијата „Скај“ минатата седмица посочи дека по потпишувањето на Атинската декларација во декември 2023 година, постојат „значајни придобивки, кои не треба да ги занемаруваме“, а како пример ги спомена „значителното намалување на тензиите и нарушувања на грчкиот воздушен простор“, соработката со Турција во миграцијата, воведувањето брза виза за турски туристи на островите во источниот дел на Егејското Море, но и отворените канали за комуникација за решавање на каква било тензија.

Од друга страна, рече дека главното прашање и „суштинската разлика со Турција е една и единствена: разграничувањето на морските зони, ексклузивната економска зона и континенталниот гребен во Егејското Море и во источен Медитеран“.

- Во секој случај, фактот што можам директно да разговарам со претседателот Ердоган верувам дека е само позитивен бидејќи очигледно не разговараме само за грчко-турските односи. Грција би сакала да развие и повеќе иницијативи во поширокиот регион. Би можеле да го разгледаме и прашањето за една поширока регионална конференција во која би била вклучена и Турција. Ние сме соседи, „осудени“ од географијата да коегзистираме и треба стабилно да постојат отворени канали за комуникација - нагласи Мицотакис.

На прашањето дали го загрижуваат дискусиите дека со фактот што американскиот и турскиот претседател одржуваат тесни врски и чести телефонски разговори, а евентуална посета на Трамп во Грција или на Мицотакис во САД дека тоа би можело да значи американското посредништво, грчкиот премиер одговори негативно и категорично ја отфрли можноста за медијаторство во односите со Турција.

Последниот состанок на Високиот совет за соработка меѓу двете земји се одржа во декември 2023 година во Атина кога беше потпишана и Атинската декларација, како и низа договори за подобрување на довербата и соработката. ср/сд/

Фото: Архива

Остани поврзан