• четврток, 26 декември 2024

Дендиас ја откажа посетата на Триполи - одби да биде пречекан од либиската МНР

Дендиас ја откажа посетата на Триполи - одби да биде пречекан од либиската МНР
Атина, 17 ноември 2022 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Грција, кој денеска е во Либија, одлучи да ја откаже посетата на Триполи бидејќи на аеродромот го пречекала шефицата на либиската дипломатија Најла Ал-Мангуш, нешто што претходно било договорено да не се случи, јави дописничката на МИА од Атина. Од грчкото МНР соопштија дека посетата на Дендиас на Триполи, „каде што требаше да се сретне со претседателот Менфи, беше откажана бидејќи либиското Министерство за надворешни работи го прекрши договорот што постоеше во однос на тоа да нема средба со либиската МНР“ и додадоа дека останатиот дел од програмата за посетата во источна Либија продолжува без никакви промени. Од Министерството за надворешни работи на Либија соопштија дека „и покрај грубите политики и позиции на грчкиот министер за надворешни работи и неговите неурамнотежени изјави за суверенитетот на Либија“, било одобрено Дендиас да го посети Триполи, а шефицата на либиската дипломатија го чекала за да му обезбеди пречек со сите почести. Во соопштението се додава дека „во една изненадувачка ситуација“ грчкиот министер одбил да се симне од авионот и без објаснувања се вратил таму од каде што дошол. - Во оваа насока, Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка изразува жалење за ваквото однесување и ќе преземе соодветни дипломатски мерки за зачувување на престижот и суверенитетот на државата Либија, соопштија на Твитер од либиското МНР. Грчките медиуми пишуваат дека станува збор за „дипломатски инцидент“, повикувајќи се на дипломатски односи објаснуваат дека првично, во програмата на Дендиас била само посета на Бенгази, но во последен момент претседателот Менфи побарал средба во Триполи, што и било договорено, но под услов да се сретнат само тие двајца, без да биде присутен некој друг. Според истите информации, Дендиас слетал на аеродромот во Триполи, но воопшто не излегол од авионот и кога бил информиран дека го чека либиската министерка Најла Ал-Мангуш одлучил да замине и да се упати кон Бенгази. Шефицата на либиската дипломатија, минатиот месец со министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу потпишаа меморандум за соработка, кој се заснова на турско-либискиот меморандум од 2019 година, за кој Грција смета дека е нелегален и не го признава. Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас од Триполи замина за Бенгази каде што продолжува со планираните активности за време на еднодневната посета на источна Либија. ср/паг/

Остани поврзан