• петок, 27 декември 2024

Дендиас утре ја започнува мини турнејата во Тирана, Сараево и Скопје

Дендиас утре ја започнува мини турнејата во Тирана, Сараево и Скопје
Атина, 22 мај 2022 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас од утре до среда ќе ги посети Албанија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија, со цел и зајакнување на билатералните односи и изразување поддршка за ЕУ перспективата на регионот, јави дописничката на МИА од Атина. Дендиас утре ќе биде во Тирана, во вторник во Сараево, а в среда во Скопје. -Оваа турнеја е во рамките за зајакнување на билатералните односи, од една страна и од друга страна, да ги потсетиме сите, како во регионот, така и во Европската унија за важноста на овој регион, рече портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на редовниот брифинг со новинарите во средата. Додаде дека сите овие средби, една по друга се и затоа што на 10 јуни во Солун ќе се одржи Самит на високо ниво во рамки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во периодот 2021-2022 година, со што ќе заврши грчкото претседателство. Шефот на грчката дипломатија в среда ќе биде во Скопје, а според Папајоану ќе оствари средби со претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи на Северна Македонија. Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, портпаролот на грчкото МНР, рече дека веројатно е на средбите во Скопје, делот посветен на ЕУ да доминира во разговорите, а ќе стане збор и за зајакнување на билатералните односи, економската соработка, спроведувањето на Договорот од Преспа итн. Папајоану коментираше дека шефовите на дипломатиите на Грција и на Северна Македонија имаат континуирани контакти, а последниот беше минатата сабота на неформалниот состанок на НАТО. Посетата на Дендиас на Скопје ја соопшти и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи на прес конференцијата во средата. Официјална Атина континуирано ја изразува поддршката за ЕУ перспективата на Западен Балкан, а регионот била една од темите за кои во Вашингтон минатата седмица разговарале шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и американскиот државен секретар Ентони Блинкен Според портпаролот на грчкото МНР, Дендиас му рекол на Блинкен дека Грција до степен до кој може да придонесе позитивно за ЕУ перспективата на Западен Балкан и за нејзино забрзување, подготвена е да го стори тоа и подготвена е да направи се што е во нејзини раце. -Европската перспектива е пат во една насока, а од аспект на сегашните околности, ќе треба да се избегне да оставиме празнина во регионот, која би можеле да ја пополнат други сили кои за жал нема неопходно да го имаат истото пријателско расположение и исти вредности, рече Папајоану. ср/рп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан