• среда, 25 декември 2024

Дендиас соопшти дека Грција ќе набави уште една, четврта фрегата Белара

Дендиас соопшти дека Грција ќе набави уште една, четврта фрегата Белара

Атина, 19 септември 2024 (МИА) – Намера на Грција да започне преговори за набавка на четврта фрегата од типот Белара, како и широка програма за модернизација на бродовите на воената морнарица, соопшти од Франција министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас денеска присуствуваше на церемонијата за лансирање на втората фрегата Белара под името „Неархос“ на бродоградилиштата на Навал груп во Лорен, Франција, од каде што и ја соопшти одлуката на грчката Влада.

Рече дека четвртата фрегата ќе се додаде на претходните три, „Кимонас“, „Неархос“ и „Формионас“ со што „уште повеќе ќе се зајакне грчката воена морнарица“.

-Елемент на нашите преговори ќе биде овие три фрегати да го имаат стратешкиот проектил Scalp Naval. Проектилот Cruise што веројатно е најнапредниот, што може да погоди цели од стратешко значење на долги растојанија, над 1000 километри и со голема прецизност. Овие додатоци се вклучен во 12-годишното долгорочно планирање на одбранбената опрема, рече Дендиас и објасни дека во следниот период за ова ќе ја информира надлежната парламентарна комисија и ќе биде усвоено од владиниот совет за национална безбедност.

Во однос на денешното лансирање на фрегатата „Неархос“, посочи дека „не е обична церемонија“, туку „го потврдува капацитетот на Грција да емитува моќ, ја потврдува позицијата како кредибилен сојузник и силен фактор во Источниот Медитеран“.

Набавката на три модерни француски фрегати Белара беше вклучен во Договорот за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка меѓу Франција и Грција, што во 2021 година во Париз, го потпишаа министрите за надворешни работи и одбрана на двете земји, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека пак шест месеци подоцна министрите за одбрана ги потпишаа и конечните договори за фрегатите.ср/сд/

Остани поврзан