• четврток, 05 март 2026

Дендијас: Грција испраќа две фрегати и „Ф-16“ на Кипар

Дендијас: Грција испраќа две фрегати и „Ф-16“ на Кипар

Атина, 2 март 2026 (МИА) - Во Република Кипар веднаш се испраќа фрегатата „Кимон“ заедно со втора грчка фрегата со напреден антидрон-систем, како и чифт воени борбени авиони „Ф-16“, соопшти министерот за национална одбрана на Грција, Никос Дендијас, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендијас рече дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис имал телефонски разговор со кипарскиот претседател Никос Христодулидис, а лично тој во последните два дена е во постојана комуникација со неговиот кипарски колега, министерот за одбрана, Василис Палмас.

- По неиспровоцираните напади на територијата на Република Кипар, го уверив г. Палмас дека Грција во текот на целата актуелна криза ќе придонесува на секој можен начин во одбраната на Република Кипар за да се справи со заканите и незаконските дејства на нејзината територија. Во согласност со ова и врз основа на одлука на владиниот совет за надворешна политика и одбрана (КИСЕА), веднаш се испраќа во Република Кипар фрегатата „Кимон“ заедно со втора грчка фрегата, која ќе го носи системот „Кентаврос“, како и чифт борбени авиони „Ф-16“, со цел да придонесат во нејзината одбрана од заканите со кои се соочува - рече Дендиас

Тој додаде дека за подобра координација на активностите со Република Кипар, утре ќе замине за Кипар, заедно со началникот на Генералштабот на националната одбрана. ср/ми/

Остани поврзан