• сабота, 28 декември 2024

Дендиас: Грција е и може да биде ваш најголем пријател и соработник

Дендиас: Грција е и може да биде ваш најголем пријател и соработник
Скопје, 31 август 2021 (МИА) - Грција силно ја поддржува Северна Македонија и целиот Западен Балкан на патот кон Европската Унија. Грција е и може да биде ваш најголем пријател и соработник. Изборот што го направивте да стоите до нас, да одите по патот до големото европско семејство е вистинскиот избор за добробит на вашиот народ. Треба да продолжи имплементацијата на Преспанскиот договор кој е основа за подобрување на заемните односи и влез на земјата во европското семејство, порача денеска шефот на грчката диломатија Никос Дендиас кој е во официјална посета на земјава. Грција, посочи тој, е задоволна од она што досега е направено во насока на имплентација на овој договор. -Направени се многу скорешни чекори од кои еден е тргањето на таблата пред зградата во која се наоѓаме, поставена во други времиња и го претставуваше кралот Филип, таткото на Александар Велики, бидејќи договорени сме заедно дека тогаш вашите претци се уште не биле пристигнати на Балканскиот Полуостров и немале можност да војуваат под водство на Александар Велики во длабочината на Азија, променето е и името на Археолошкиот музеј и промената на таблите на граничките премини, рече Дендиас додавајќи дека имплементацијата на договорот не е бирократска работа туку треба да се имплементира секоја буква и за тоа, како што рече, има временска рамка. Тој смета дека треба да се инвестира во младата популација на која ќе и се дадат потребните алатки за да ја гледаат нашата заедничка иднина, а не да гледаат во минатото. Исто така, нагласи грчкиот шеф на дипломатијата, треба да се спречат појаснувања на договорот кои се погрешни и го попречуваат неговото  спроведување. Нашите можности и нашата иднина се одлични, рече Дендиас, додавајќи оти Грција е уверена дека земјава направила избор да биде до неа и цврсто да оди по патот кон големото европско семејство. Таму, нагласи тој, Грција во континуитет од 2003 година се труди да влезат земјите од Западен Балкан, кој, како што потенцира, никогаш повеќе не смее да стане буре барут во Европа. -Одлучивте да се насочите по најдобриот пат, зоната на првото, заштита на човековите права, слобода на вероисповед грааните, избравте да бидете дел од европското семејство. Овој ваш избор да е во најдобар интерес на вашиот народ и веруваме дека наскоро ќе успеете во обидот да бидете дел од Унијата кога ќе бидат исполнети условите, порача Дендиас. Тој на денешната прес-конференција со неговиот колега Бујар Османи, рече дека на средбата, што ја имал со него разговарале за овие теми, но и за соработката во економијата, инфраструктурата ... Грчките инвеститори, рече, во Северна Македонија имаат 1 милијарда евра инвестиции, дека обезбедуваат 20 илјади работни места, но и оти иско воуслови на пандемија взаемната трговска размена изнесувала околу 800 милиони евра. Според него, значаен чекор е договорот за природен гас, заштитата на воздушниот простор на Северна Македонија од страна на Грција, како и заедничката соработка што се реализира во делот на заштита на византиски и поствизантиски споменици. 

Посетата на министерот Дендиас е продолжение на интензивната комуникација меѓу двајцата министри за надворешни работи, кои во разговорите констатирале континуитет на позитивната динамика во односите и соработката која воедно претставува модел за целиот регион, каква треба да биде соработката и како успешно да се разрешуваат сите отворени прашања меѓу два соседи.

Министерот Османи го информирал својот соговорник дека Владата на Северна Македонија продолжува да биде посветена на реализирањето на обврските предвидени со Преспанскиот договор, изразувајќи уверување дека Грција ги препознава и вреднува нашите напори, што ќе биде дополнителен мотив, што побргу да биде завршена ратификацијата на неколку меѓународни договори во грчкиот парламент. Со тоа дополнително ќе се овозможи унапредување на билатералната соработка во дадените сегменти.

Тој упатил благодарност за цврстата поддршка на Владата на Грција за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, како и уверувањето дека таквата поддршка нема да изостане и во периодот кој е пред нас. Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција и започнувањето на пристапните преговори, што Северна Македонија посебно го цени, нагласи Османи.

Соговорниците приликата ја искористиле и за размена на мислења и ставови за најновите состојби во регионот, регионалната соработка, кризните жаришта и акциите преземени за надминување на истите, при што беше нагласено дека, како сојузници во НАТО и стратешки партери во ЕУ, неопходна е заедничка координираност за максимизирање на ефектите.

Освен со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, како и со претседателот на Собранието Талат Џафери. сст/ац/

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан