• среда, 25 декември 2024

Дендиас: Го надгледуваме воздушниот простор на Северна Македонија и сме многу горди за тоа

Дендиас: Го надгледуваме воздушниот простор на Северна Македонија и сме многу горди за тоа

Атина, 11 април 2024 (МИА) – Грција го надгледува воздушниот простор на Северна Македонија во рамките на „air policing“ мисијата на НАТО и сме многу горди за тоа. Спроведуваме „air policing“ и во други земји што немаат воздушни капацитети, истакна министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас за време на панел дискусијата на Делфи економскиот форум, на прашањето дали Грција или Турција го надгледува воздушниот простор на земјава, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас објасни дека станува збор за пракса во рамките на НАТО што ѝ дава можност и на Турција и на Грција и посочи дека  грчкото воено воздухопловство располага со капацитети и е подготвено да им помогне на земјите кои имаат потреба.

-Во политичката рамка Грција има секакво расположение да ѝ го пружи ова на Северна Македонија, како и на други земји сојузници во НАТО кои имаат потреба од грчкото воено воздухопловство. Горди сме што го правиме тоа. Среќни да им помогнеме на пријателите, партнерите и сојузниците доколку ова им е потребно за нивниот воздушен простор. Подготвени сме за тоа, имаме многу способно, многу силно воено воздухопловство. Зошто да не?, истакна министерот за одбрана на Грција.

На панел во рамките на деветтиот Делфи економски форум, Дендиас дискутираше со професорот по меѓународни односи и директор на Институтот за меѓународни прашања Константинос Филис, а се осврна на сите теми поврзани со одбраната, како од грчки, така и од меѓународен интерес.

За европската операција во Црвеното море „Аспидес“ („Штитови“) во која учествува и грчка фрегата, Дендиас рече дека „операцијата е првиот доказ дека Европската Унија учи да реагира побрзо на геополитичките предизвици“. ср/са/

Фото: МИА

Остани поврзан