• недела, 24 ноември 2024

Демостат: Вучиќ има намера да се сретне со Путин во октомври на форумот „Појас и пат“ во Кина

Демостат: Вучиќ има намера да се сретне со Путин во октомври на форумот „Појас и пат“ во Кина

Белград, 1 октомври 2023 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ има намера да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во октомври, на маргините на форумот „Појас и пат“ што ќе се одржи во Кина, дознава Демостат од дипломатски кругови.

Како што е соопштено, лидерите на Србија и Русија веќе јавно го потврдија доаѓањето на кинескиот самит, но останува прашањето дали ќе се сретнат, што би било нивна прва средба лице в лице од почетокот на војната во Украина.

Средбата со Путин несомнено би му донела поени на Вучиќ во предизборната кампања, но не би испратила добра порака до Западот, особено во време кога не е јасно дали и рускиот фактор е вклучен во последните настани на северот на Косово, оцени Демостат.

Вучиќ неодамна најави дека за време на самитот ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, истакнувајќи дека тој е голем пријател на Србија и дека со нетрпение ја очекува средбата.

-До крајот на годината очекувам сериозни и важни разговори со нашите многу, многу важни партнери. Во октомври ќе допатувам во важна посета на Кина. Големото прашање е што ќе се случи таму, бидејќи доаѓањето на Путин е исто така очекувано, рече Вучиќ во август.

Како што потсетува Демостат, доколку Вучиќ се сретне и со Путин, нема да биде првпат Вучиќ за време на предизборната кампања да игра на картата на рускиот претседател, чија популарност во Србија е голема, и не би било првпат да се сретне со него непосредно пред изборите.

Вучиќ и Путин последен пат се видоа во ноември 2021 година во Сочи кога официјално главна тема на разговор беше испораката на гас.

На крајот на мај минатата година, Вучиќ и Путин телефонски разговарале за, како што тогаш изјави српскиот претседател, повеќе различни теми, а тогаш биле договорени и главните елементи на новиот договор за гас за следните три години.

Вучиќ во јуни годинава за италијанските медиуми изјави дека повеќе од една година не комуницирал со рускиот колега Путин.

Во Србија од почетокот на војната во Украина не дошле највисоки функционери на Русија. об/сд/

Остани поврзан