• среда, 25 декември 2024

Демократски сојуз: Османи му прави лоша услуга на Груевски

Демократски сојуз: Османи му прави лоша услуга на Груевски

Скопје, 16 октомври 2023

 

Во Македонија, како и во други држави има голем број лица кои располагаат со сензитивни информации чие обелоденување може да има одраз врз безбедноста, одбранбената моќ, внатрешната стабилност, економската состојба итн.

Заради собирање информации од безбедносен, политички или економски карактер, сите држави формираат разузнувачки служби при што ги користат информациите од отворен карактер, но развиваат и разузнувачка мрежа, користат системи за прислушкување, набљудување, сателити и други методи и средства.

Во пракса, некој што ја изгубил позицијата во принцип е под „удар“ на новинарите, за да извлечат и објават информации. Тоа го прават и оперативците на странските служби, се обидуваат да воспостават комуникација,  да му понудат погодности, но и да „извлечат“ информации од него. Посебно се погодни за соработка лицата кои се во бегство, особено ако го немаат регулирано престојот, ако немаат средства за егзистенција, ако се обидуваат да избегаат од правдата поради криминал итн.

Натамошниот престој на Никола Груевски во Унгарија, наспроти изјавата на Бујар Османи, не може да се подведе под можни безбедносни ризици и тоа да биде основа за негово враќање во Македонија и заштита на нашите национални интереси. Со политички азил за слободен престој и после 5 години живеење во Унгарија, сега да ја штитите државата од Груевски е апсолутно неприфатливо и не е здраво за државата. Тоа може да се разбере единствено како алиби за можните следни чекори на ДУИ и СДСМ и скриени намери за негова амнестија заради партиско политички цели. 

Инаку, има и други „бегства“ од Македонија, меѓу кои и она на двајца припадници на контраразузнуваењето, кои и натаму се во Грција, а располагаат со класифицирани информации од висок степен, но Османи не е заинтересиран за нив, ниту пак за други бегалци од правдата. Во суштина, Османи му прави лоша услуга на Груевски, со тоа што наводно преку неговото враќање ќе ги заштити интересите на Македонија.

За да „продава“ информации на странските служби, мала улога игра тоа дали некој е овде, во Македонија или е во странство. Тоа пред сѐ зависи од цврстината на неговиот карактер и лојалноста кон својот народ и држава.

Со оваа изјава на Османи се отвораат други прашања, вклучително и тоа дали има некој од државниот и политичкиот врв кој со своите активности ја загрозува националната безбедност на Македонија и работи на рушење на темелите на државата преку распродавање на македонскиот национален идентитет и историја.

 
Демократски сојуз

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан