• четврток, 26 декември 2024

Демократски сојуз: Македонија не смее да биде место за промоција на фашизмот

Демократски сојуз: Македонија не смее да биде место за промоција на фашизмот
8 октомври 2022  Демократскиот сојуз најостро осудува формирање здруженија на граѓани преку кои се враќа и афирмира фашизмот на територијата на Македонија. Уставно право и слобода е граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска или партиска припадност, да се здружуваат за афирмација на културни, идентитетски, јазични и други обележја, но не смее да се регистрираат здруженија со имиња на познати фашисти, сојузници на Третиот рајх, соработници на Хитлер и негатори и асимилатори на македонскиот народ, како што се Цар Борис Трети и Иван Михајлов. Не сме против афирмација на националните обележја на Бугарите во Македонија, но не е случајно што тоа се прави со здруженија кои носат имиња на фашисти, поради што со право ќе не третираат како држава која доживува повампирување на фашизмот. Цар Борис Трети е водач на фашистичката армија која ја окупира Македонија и познат е како „Цар Обединител“ на Бугарија, чија окупаторска власт врши злосторства и со терор спроведува процес на бугаризација на Македонците за време на Втората светска војна. Оттаму, со афирмацијата на неговото име се промовираат територијални претензии кон Македонија и се навредуваат чувствата на Македонците. Со понижување на Македонците, Евреите, Ромите и сите други слободољубиви граѓани кои страдаа за време на фашистичката окупација во логорите на смртта во Треблинка или во затворите и полициските участоци, не може да се градат добрососедски односи помеѓу Бугарија и Македонија. Демократскиот сојуз со индигнација ја отфрла и изјавата на Министерството за надворешни работи, која ниту е европска ниту пак значи афирмација на човековите права и слободи со формирање здруженија со имиња на фашисти и непријатели на македонскиот народ. Демократскиот сојуз повикува на одговорно, разумно и државничко однесување на Владата во целина и на министрите. Демократски сојуз  ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан