• среда, 13 ноември 2024

Демократскиот сојуз ќе ги продолжи разговорите за заеднички настап со ВМРО –ДПМНЕ

Демократскиот сојуз ќе ги продолжи разговорите за заеднички настап со ВМРО –ДПМНЕ

Скопје, 23 март 2024 (МИА) – Централниот совет на Демократскиот сојуз денеска донесе одлука со која е овластен претседателот на ДС, Павле Трајанов, да ги продолжи разговорите за заеднички настап на претстојните парламентарни избори со ВМРО –ДПМНЕ, информираат од ДС.

Како што изјави по денешната прес-конференција на која ги презентираше приоритетите на ДС, претседателот Трајанов, нивните програмски определби и цели се компатибилни со ВМРО ДПМНЕ, но, како што рече, има некои отворени прашања за кои што имаат разлики.

- Разговараме првенствено со ВМРО -ДПМНЕ за овие приоритети и тука во основа сме компатибилни како политички партии со своите програмски определби и цели. Така што, има некои отворени прашања за кои што имаме разлики, за нив ќе разговараме денеска на Централниот Совет и очекувам да добиеме поддршка и јас како претседател на партијата и претседателството, да ја продолжиме оваа соработка со ВМРО - ДПМНЕ, рече Трајанов. 

Причините поради кои што решиле да ја променат коалицијата, меѓу другото, како што наведе, се тоа што процениле дека Македонија се движи во погрешна насока. Тука ја посочи коалицијата на непринципиелни основи и спротивно на основното начело за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, договорот за Една изборна единица - закон блокиран од ДУИ и СДСМ, како и законскиот проект за борба против тешки облици на организиран криминал.

- Имаше и други стратешки, да речеме, несогласувања. Се разбира дека еден од нашите услови беше дека не треба да се прифати Францускиот предлог така како што беше, бидејќи Македонија ја доведоа во подредена положба, дека може и натаму да има барања и уцени од Бугарија, и сметаме дека тоа прашање треба да се разреши на поинаков начин, рече Трајанов.

Во однос на прашањето колку пратенички места очекуваат, тој одговори дека разговараат на таа тема со ВМРО-ДПМНЕ.

- Разговараме на таа тема, тука имаме разлики. ВМРО-ДПМНЕ изградиле став да имаат хомогена пратеничка група, имаме разлики околу тоа, како ќе завршат сите овие работи, ќе видиме, дополни Трајанов.

Демократскиот сојуз денеска ги презентираше приоритетите кои се нивна основа за разговори со другите партии помеѓу кои се нов Устав, коренити реформи на правосудниот систем, системски промени во борбата против криминалот, посебна програма за младите, слободна пазарна економија, бесплатно образование и слобода на медиумите. ар/ев/

Фото: МИА, ДС

Остани поврзан