• среда, 25 декември 2024

Демири: Македонскиот и шведскиот микрохируршки тим успешно изведоа комплексна микроваскуларна реконструкција на дојки

Демири: Македонскиот и шведскиот микрохируршки тим успешно изведоа комплексна микроваскуларна реконструкција на дојки

Скопје, 14 март 2024

Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, денеска ја посетија Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија по повод успешно изведена комплексна микроваскуларна реконструкција на дојки по билатерална мастетомија со примена на иновативни микроваскуларни процедури со поддршка од тимот на стручни лекари од Клиниката за пластична и максилофацијална хирургија при Универзитетската болница во Упсала во Шведска.

Демири, изрази голема благодарност до целиот медицински тим вклучен во комплексна микроваскуларна реконструкција на дојки од Клиниките во Скопје и Упсала, но и до проф. Андрес Родригез, директор на Клиниката за пластична хирургија во Упсала, како и до проф. Димитрис Дионисис од Универзитетот Аристотелис во Солун за посветеноста и стручноста.

„Унапредувањето на едукацијата за специјалисти и специјализанти во микрохирургијата е клучен аспект на реконструктивните процедури. Токму ова партнерство ја покажува заедничката посветеност за унапредување на микрохируршката едукација, како суштински сегмент на реконструктивната хирургија, истакна Демири.

Манолева, потенцираше дека низа специјализирани обуки во изминатите години се спроведени на Клиниката за пластична хирургија во Упсала, каде хирурзите и специјализантите од клиниката од нашата држава имаа можност да научат за најсовремените микроваскуларни техники. Едукациите на хирурзите се под менторство на проф. Марија Мани и д-р Елеонора Димовска.

„Заедничката соработка е составен дел на мисијата за обезбедување највисок стандард на третман, вклучувајќи ги најновите техники и трендови во реконструктивната микрохирургија. Целта е продолжување и проширување на овие плодни партнерства, препознавајќи ја огромната вредност во размената на знаења и искуства со врвни професионалци и институции во областа на пластичната и реконструктивната хирургија“, рече Манолева.

Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија д-р Софија Пејкова истакна дека установата веќе неколку години има одлична соработка со Клиниката за пластична и максилофацијална хирургија при Универзитетската болница во Упсала во Шведска.

„Ја изразуваме нашата искрена благодарност до проф. Андрес Родригез, директор на Клиниката за пластична хирургија во Упсала, за неговата исклучителна посветеност во поттикнувањето на професионалниот раст на нашиот медицински тим. Наш гостин е и проф. Димитрис Дионисис од Универзитетот Аристотелис во Солун, реномиран авторитет во областа на хирургијата на лимфедем. Неговото присуство носи дополнителен спој на експертиза и имплементација на иновативни техники, посочи д-р Пејкова.


Министерство за здравство

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото Министерство за здравство

Остани поврзан