• сабота, 23 ноември 2024

Дел од старите обичаи за Бадник и Божиќ сè уште се практикуваат во руралните средини во Кумановско

Дел од старите обичаи за Бадник и Божиќ сè уште се практикуваат во руралните средини во Кумановско

Куманово, 5 јануари 2024 (МИА) - Дел од обичаите за Бадник и Божиќ во Кумановско исчезнуваат во урбаната средина, но остануваат во руралните подрачја, информираа денеска етнолозите од Кумановскиот музеј. Некои од верувања сè уште се присутни и ги практикуваат повозрасните. Верските празници во овие подрачја се поврзани со одредени верувања за плодноста, бериќет во домот, бадниковите гранчиња, коледарските песни, посната трпеза, лепчето со паричка, бадниковите огнови.

-Дел од обичаите исчезнуваат, но дел се и прифатени. Во циклусот на зимските празници Бадник и Божиќ заземаат значајни места. Празникот е пропратен со верувања и обичаи за посреќна година, за здравје во домот и добар посев. Повеќе обреди има за бадниковата вечер. Домаќините треба да останат будни цела ноќ за да се дочека Христовото раѓање, вели магистер Анита Стојчевски, советник кустос во НУ Музеј.

Со бадниковото гранче се украсуваат куќите и самата трпеза и според старите обичаи важно е да се запали по вечерата. Трпезата не се раскрева според древното верување, зашто се придава особено значење на ронките од лепчето кое домаќинот го крши на делови, посветувајќи на Господ, на куќата, на членови од семејството, почнувајќи од најстариот до најмладиот. На оној што ќе му падне паричката ќе го следи среќа во оваа година. Во селските средини се дели и за добитокот. Трпезата е скромна и посна, лепче со паричка, зелник со праз, риба, грав.

-Во куќите се внесувало и слана поврзана со Христовото раѓање, на која воедно ѝ се препишува заштитна моќ, вели Стојчевски.

За самиот Божиќ, како што објаснува таа, по црковните ѕвона се оди на литургија, луѓето се поздравуваат со Христос се роди! Навистина се роди!. Трпезата е богата со мрсно јадење бидејќи завршуваат постите.

-Сè уште има коледари по населбите, деца кои одат од куќа на куќа и пеат коледарски песни. Децата се даруваат со овошје, јаболка, круши, ореви, костени и пари. Обредите се изведувани за среќа, здравје, богат посев, вели Стојчевски. ам/вј/

 

Фото: МИА

Остани поврзан