• среда, 27 ноември 2024

Дел од проблемот со дебелеењето се должи на ДНК-та на човекот

Дел од проблемот со дебелеењето се должи на ДНК-та на човекот
Лондон, 17 jaнуари 2022 (МИА) - Науката со години тврди дека вишокот килограми не е предизвикан само од недостаток на дисциплина и прејадување. Истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон, пак, сега открија десетици делови од човечката ДНК кои влијаат на метаболизмот, што игра клучна улога во губењето килограми. Ова е втора студија за кус временски период што укажува на истиот овој заклучок. Во истражувањето учествувале речиси 9.000 доброволци кои дале примерок од крв. Познато е дека вишокот килограми ја зголемува опасноста од неколку состојби, вклучувајќи рак, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања. Зајакнувањето на човековиот метаболизам преку поактивен животен стил се смета за клучен метод за губење на тежината. Д-р Масимо Мањино, генетичар вклучен во истражувањето, смета дека резултатите од истражувањето би можеле да помогнат во „свртување на процесот“ околу вишокот килограми. - Дебелината е една од најчестите (несакани здравствени) состојби, а сепак допрва треба да дознаеме многу повеќе за нејзините биолошки механизми. Нашите најнови наоди може да помогнат да се разоткријат некои од нив. Генетските студии ветуваат изнаоѓање нови третмани за дебелината. Со анализа на сложените односи меѓу различните гени, имаме одлична можност да ја свртиме насоката во борбата против оваа состојба!, истакна д-р Мањино. Според стручните лица, ова откритие би можело да го промени гледиштето на проблемот, овозможувајќи на тој начин да се осмислат планови за исхрана прилагодени на нечии гени. си/гт/

Остани поврзан