• четврток, 26 декември 2024

Дел од вработените во Националниот парк „Галичица“ предупредуваат на недоследности во работењето на Јавната установа и политички притисоци

Дел од вработените во Националниот парк „Галичица“ предупредуваат на недоследности во работењето на Јавната установа и политички притисоци

Охрид, 3 февруари 2023 (МИА) - Вработени во Националниот парк „Галичица“ од Охрид, денеска со соопштение лиферувано до медиумите посочуваат на политички притисоци врз работењето на установата, за кои предупредуваат дека на долг рок ќе доведат до компромитирање на работењето на Јавната установа и нејзино враќање во времето кога работеше како шумско стопанство.

Како што се укажува во соопштението за кое е наведено дека е споделен став на мнозинството од вработените во установата, Националниот парк „Галичица“ успева да опстојува како правен субјект и без финансиска помош од државата и во услови на драстично намален број посетители поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, а истовремено да ја почитува одлуката на Планот за управување за престанок на директното користење на шумите.

Во документот уште се нагласува дека ЈУНПГ ги спровел сите препораки/барања кои од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО беа доставени до Република Северна Македонија со цел да се зачува статусот Светско природно и културно наследство на листата на УНЕСКО, за кои има директна надлежност. Таквиот ангажман на ЈУНПГ, се посолува во документот, е нотиран во сите извештаи на советодавните тела на УНЕСКО.

- За жал, напредокот кој ЈУНПГ го постигнува во подобрувањето на ефикасноста на управувањето со заштитата многу често е успорен, попречен и маргинализиран од ситни партиски и поединечни интереси. Влијанието на политичките партии во управувањето со паркот особено е нагласено во сите постапки за вработување, се нагласува во соопштението

Истовремено се посочува дека последните неколку месеци установата е под исклучително голем притисок да спроведе постапка за вработување на шумарски техничар.

- Имајќи ја предвид одлуката за престанок на директното користење на шумите, ова работно место (испразнето по основ на пензионирање) е целосно непотребно. Ангажирање на шумарски техничар за ЈУНПГ ќе преставува само дополнителен товар за буџетот на институцијата, кој заради изостанокот на приходи од јавни пари многу тешко го обезбедуваме. Ова укажување за политичките партии е неважно бидејќи нивниот ангажман на локално (често пати и на национално ниво) се сведува само на вработување на партиски активисти во јавниот сектор, стои во документот. 

Според потписниците на документот, таквиот притисок на долг рок ќе го искомпромитира работењето на ЈУНПГ и најверојатно ќе ја врати институцијата назад во времето да функционира како шумско стопанство.

Од установата се укажува дека за ситуацијата се информирани сите надлежни институции на државата (Претседателот на Владата, заменик претседателот на Владата за политики на добро владеење, ресорните министер и заменик-министер, државниот секретар и Секторот природа во Министерството за животна средина и просторно планирање), повеќе невладини организации активни на полето на заштита на природата и меѓународни организации и амбасади (Центарот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, канцеларијата на IUCN, Бернската конвенција, ПОНТ, Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција, до амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје и до членот на Европскиот Парламент Матијаж Немец).

Инаку, во соопштението се потсетува дека Националниот парк „Галичица“ е една од клучните институции задолжени за управување со Природното и културното наследство на Охридскиот регион впишани во листата на УНЕСКО и единствениот Прекуграничен Биосферен резерват во земјата.

Во последниве неколку години Јавната установа Национален парк Галичица (ЈУНПГ) постигнува сериозен напредок во исполнувањето на меѓународните стандарди за управување и заштита на исклучителните вредности кои паркот ги поседува.

Тоа е возможно, како што се појаснува во соопштението, единствено и само поради финансиска помош, која е половина од оперативниот буџет на ЈУНПГ, што Паркот ја добива од ПОНТ (Фонд за доверба во охридско-преспанскиот регион).

Кога станува збор за постигнатото од страна на Јавната установа, се посочува дека во 2021 година, во процедура предвидена со Законот за заштита на природата, донесен е План за управување со Национален парк Галичица за периодот 2021-2030 година, изработен од страна на вработени во ЈУНПГ, што е прв таковв случај во државата.

Се посочува дека сите други Планови за управување со заштитени подрачја поради слабиот капацитет на управувачите се изготвени од страна на надворешни експерти најчесто со странска финансиска помош.

- Една од главните определби на овој План за управување е одлуката за престанок на директното користење на природните ресурси (во прв ред шумите) за финансирање на управувањето и заштитата на природата на паркот. Ваквата определба на Планот за управување беше поздравена и подржана од сите инволвирани во донесувањето на Планот, вклучително и Министерството за животна средина и просторно планирање. Ова има исклучителна тежина имајќи ја предвид децениската традиција на функционирање на националните паркови како шумски стопанства. Тука секако, треба да ја имаме предвид и генералната препорака на IUCN, заштитата и управувањето со заштитеното подрачје во категорија втора, национален парк да биде од јавни пари, а не од директно користење на природните ресурси, се нагласува во реакцијата од вработените. 

За потребата од прекин на обезбедувањето финансии за работењето на Паркот од експлоатација на шумите, укажа и Центарот за светско наследство/ICOMOS/IUCN во својот извештај од 2020 година, од заедничката Реактивна-мониторинг мисија, во која е препорачано зајакнување на управувачката рамка и ефективноста со обезбедување подршка ЈУНПГ, со донесување План за управување за перодот 2021-2030 што ќе обезбеди прекин на директното користење на шумите, нивна подобра заштита и регулирани активности на одржлив туризам. аб/сп/

Остани поврзан