• сабота, 21 декември 2024

Деловните субјекти оствариле 2 078 605 милиони денари промет и додадена вредност од 445 041 милион денари

Деловните субјекти оствариле 2 078 605 милиони денари промет и додадена вредност од 445 041 милион денари

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Вкупно 68 004 пазарноориентирани деловни субјекти активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности оствариле 2 078 605 милиони денари промет и додадена вредност од 445 041 милион денари. За ангажираните 433 008 вработени лица, издвоени биле 229 053 милиони денари. 

Според Државниот завод за статистика, најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 39,1 отсто, а по него следат Преработувачка индустрија со 25,7, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 9,1, Градежништво со 6,3 и Транспорт и складирање со 5,1 процент.

Секторот на преработувачката индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 25,9 отсто, следен од секторот Трговија на големо и на мало со 20,8. Значително учество имаат секторот Информации и комуникации, кој создава 9,1 отсто и Градежништво, кој создава 8,6 отсто од вкупната додадена вредност.

Во однос на големината на претпријатијата, доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (91,5 отсто), најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 33,4 проценти од вкупно вработените, тие создале 22,5 отсто од вкупната додадена вредност.

-Големите претпријатија со учество од само 0,2 отсто и со ангажирани 26,7 отсто од вработените, создаваат 32,4 отсто од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (13.3 %). Сепак, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија со 10 до 249 вработени, кои ангажираа 39,9 отсто од вработените и создадоа 45,1 отсто од вкупната додадена вредност во деловниот сектор, наведува Државниот завод за статистика. мч/са/

фото: МИА архива

Остани поврзан