Делегација на ромската заедница на прием кај градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани
- Претставници на ромската заедница по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите денеска имаа прием кај в.д градоначалникот Ваљбон Лимани. Тој честитајќи им го празникот потенцира дека локалната самоуправа е подготвена да реализира некои од нивните барања, а ги информираше и за планираните проекти и поголема вклученост на Ромите во заедницата.

Гостивар, 8 април 2025 (МИА) – Претставници на ромската заедница по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите денеска имаа прием кај в.д градоначалникот Ваљбон Лимани. Тој честитајќи им го празникот потенцира дека локалната самоуправа е подготвена да реализира некои од нивните барања, а ги информираше и за планираните проекти и поголема вклученост на Ромите во заедницата.
- Чест е да ги пречекам нашите сограѓани Роми и со нивниот претставник во Советот на општината, Фирдаус Ајдари да поразговараме за предвидените проекти и активностите. Слушнав и дел од барањата кои се исто така важни за ромската заедница во нашиот град. Се надевам дека до наредната година дел од нив ќе бидат реализирани, изјави градоначалникот Лимани, по средбата во неговиот кабинет.
Делегацијата ја предводеше потпретседателот на политичката партија Демократски сили на Ромите, Кашмир Салиу, кој истакна дека овој ден е важен за нив како ромска заедница, а Гостивар е позитивен пример за еднаквоста.
- На овој ден сакаме да испратиме пораки кој и што треба да се направи за ромската заедница со оглед дека беше најмаргинализирана во нашата држава и во Гостивар. Гостивар е исклучок во поглед на интеграцијата на Ромите и секогаш добрите работи за Ромите се случуваат во овој град. Наидуваме на огромно разбирање од општинската администрација и градоначалникот. Во името на сите Роми се заблагодарувам на поддршката која очекувам да продолжи и понатаму, рече Салиу.
Тој потсети дека во соработка со локалните власти пред две години го истакнале знамето на Ромите и тоа се користи при прослава на празници. Очекува по изборите да се официјализира и употребата на ромскиот јазик, со што, како што рече, Ромите ќе бидат рамноправни со Албанците, Македонците и Турците во општина Гостивар. згм/цр
Фото: МИА