• вторник, 24 декември 2024

Делегација на МЕМО на конференција во Атина: Со заедничка координација до успешно интегрирање на македонскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски пазар

Делегација на МЕМО на конференција во Атина: Со заедничка координација до успешно интегрирање на македонскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски пазар

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Во организација на Комитетот на сите номинирани оператори на пазарот на електрична енергија во Европа (All NEMO Committee), во Атина се одржа втората годишна конференција на која учествуваше делегација на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија - МЕМО. Конференцијата, како што информираат од МЕМО, на едно место ги обедини најзначајните чинители на пазарите на електрична енергија од Европската Унија и земјите од Западен Балкан, поточно договорните страни на Енергетската Заедница, која има за цел - проширување на внатрешниот енергетски пазар на ЕУ.

Претседавачот на Комитетот,  Рафаел Гомез-Елвира Гонзалес, со поздравно обраќање ја отвори конференцијата, а на засебни панел сесии се дискутираше за прашања од витално значење во оваа област. Акцентот се стави на важноста од транспонирање на европското во локалните законодавство со цел успешна интеграција во единствениот европски пазар.

Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, учествуваше на  панел сесијата  „20 години интегрирани пазари во Европа: Што следува?“,заедно со Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и со директорите на берзите на електрична енергија од регионот. Панел сесијата ја модерираше извршниот директор на Алпско-јадранско дунавската берза за електрична енергија (АДЕКС) и на Словенечката енергетска берза (БСП), Анже Предовник.

Ѓорѓиевски, како што информираат од МЕМО, jа истакна важноста на операторот, кој во изминатите години во услови на најголемата светска економско-енергетска криза одигра значајна улога со воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија во државата по примерот на европските земји. Ѓорѓиевски се осврна на интензивната работа со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во изминатиот период со цел усогласување на националната законска регулатива согласно европската.

-Процесот на донесување одлуки на национално ниво е од клучно значење за интегрирање на поединечните договорни страни на Енергетската заедница во единствениот европски пазар на електрична енергија. Како што македонскиот пазар на електрична енергија се движи кон оваа интеграција ние мораме да ја препознаеме потребата од воспоставување рамнотежа помеѓу усогласувањето на регулативата и локалните специфики на пазарот на електрична енергија. За MEMO, како номиниран оператор на пазарот на електрична енергија  во нашата земја, успешната интеграција зависи од неколку клучни фактори,  од кои еден од позначајните е јасно дефинирана сигурност во процесот на интеграцијата. Во таа насока, неопходно е поскоро  формално усвојување на  Планот за имплентација на спојување на пазарот (MЦO) кој треба да го одобри Агенцијата на ЕУ за соработка на регулаторите за енергетика (АЦЕР), со цел навреме да се реализира и домашното законско усогласување и усвојувањето на европските регулативи. Тие два процеси еден со друг се комплеметарни и доцнењето на секој од нив, би предизвикал нов циклус на одложувања, истакнал Ѓорѓиевски, се вели во соопштението од МЕМО.

Од овој клучен настан во енергетскиот сектор на кој присуствуваа над 100 учесници,  лидери на индустријата, експерти и креатори на политики се очекува да се донесат квалитетни заклучоци за иднината на европските енергетски пазари.

Усвојувањето на Пакетот за интеграција на електрична енергија од страна на Министерскиот совет на Енергетската заедница во 2022 година означи важен чекор на патот кон понатамошна интеграција на договорните страни на Енергетската заедница во внатрешниот пазар на електрична енергија на ЕУ. аа/

Фото: МЕМО

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан