• вторник, 25 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Делегација на Европската комисија предводена од Фон дер Лајен во посета на Индија 

Делегација на Европската комисија предводена од Фон дер Лајен во посета на Индија 

Брисел, 27 февруари 2025 (МИА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и членови на Колеџот на комесари денеска и утре престојуваат во Њу Делхи, каде ќе имаат средби со индискиот премиер Нарендра Моди и со претставници на Владата на Индија. 

Во пресрет на посетата Фон дер Лајен порача дека ЕУ се залага за отвореност, партнерство и достапност, па затоа во ова време на интензивна геостратешка конкурентност настојува да ги продлабочи врските со Индија, која е еден од најдоверливи европски пријатели и сојузници. 

- Европа и Индија се партнери и истомисленици, поврзани со заедничкото уверување дека демократијата најдобро им служи на луѓето. Затоа една од првите посети на новата Комисија е во Индија. Посветени сме на зајакнување на нашето стратешко партнерство за унапредување на трговијата, економската безбедност и прилагодливите синџири на снабдување, заедно со заедничка технолошка агенда и засилената безбедносна и одбранбена соработка, рече Фон дер Лајен.  

Како што соопшти ЕК, оваа посета без преседан, која е една од првите на Колеџот на комесари во првите сто дена од неговиот мандат, го истакнува „силниот моментум во односите ЕУ-Индија“.  

Според најавите, покрај билатералните средби на Фон дер Лајен со Моди и на еврокомесарите со соодветните индиски ресорни министри, во Њу Делхи ќе се одржи и заедничка седница на Европската комисија и Владата на Индија.  

Дополнително, во рамки на посетата ќе се одржи и вториот Совет за трговија и технологија ЕУ-Индија (ТТЦ), на кој Унијата ќе ја претставуваат извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен и еврокомесарите за трговија и економска безбедност и за стартапи, истражување и иновации, Марош Шефчовиќ и Екатерина Захариева.  

Целта на Советот е зајакнување на соработката меѓу ЕУ и Индија во областите на дигиталната транзиција, чистите и зелени технологии, трговијата и инвестициите. Според најавите, на заседанието во Њу Делхи ќе се дискутира за соработката во сферата на дигиталната јавна инфраструктура и нејзината компатибилност, за отпорноста на клучните синџири на вредности, како и за глобалните трговски прашања. 

Посетата на делегацијата на Европската комисија на Њу Делхи следи по најавата на Фон дер Лајен за изработка на нова Стратешка агенда на ЕУ за односите со Индија, што ќе биде претставена на Самитот ЕУ-Индија, што се очекува да се одржи во текот на последниот квартал од оваа година. 

Инаку, оваа посета се оценува како „значајна фаза во односите меѓу ЕУ и Индија“ и ја нагласува „важноста од зајакнување на врските во клучните области од витално значење за просперитетот и безбедноста и на Европа и на Индија“. 

Индија доби статус на стратешки партнер на ЕУ во 2004 година. Сегашните односи меѓу Унијата и Индија се регулирани со Патоказот за стратешко партнерство за периодот 2020-2025 година, Стратегијата на ЕУ за соработка во Индо-пацифичкиот регион и европската иницијатива „Глобална порта“.  

Инаку, денешната посета доаѓа во време додека траат преговорите за склучување на Договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија, започнати во 2022 година. Следната рунда од овие преговори е предвидена за од 10 до 14 март во Брисел. 

ЕУ е најголемиот трговски партнер на Индија, со меѓусебна стокова размена во вредност од 124 милијарди евра во 2023 година, што претставува пораст од речиси 90 отсто во последната деценија. Во Индија се присутни околу 6.000 европски компании, кои директно обезбедуваат 1,7 милиони работни места и индиректно поддржуваат уште околу пет милиони работни места во различни индиски сектори. сп/

Фото: ЕК

 

Остани поврзан