• сабота, 28 декември 2024

Делегацијата на Народната банка на Австрија во посета на Народна банка на Република Северна Македонија

Делегацијата на Народната банка на Австрија во посета на Народна банка на Република Северна Македонија

Скопје, 9 октомври 2024 (МИА) - Преку постојано усогласување со најновите стандарди и практики и непрекинато зајакнување на институционалниот и аналитичкиот капацитет, Народната банка ги следи високите критериуми на Европскиот систем на централни банки и со тоа придонесува кон понатамошниот евроинтеграциски процес на земјата.

Како што соопштија денеска од Народна банка на Република Северна Македонија, ова било истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерите, Ана Митреска, Емилија Нацевска и Фадил Бајрами и извршната директорка Султанија Бојчева-Терзијан, со делегацијата на Народната банка на Австрија, предводена од гувернерот, Роберт Холцман, а во состав: раководителката за Централна, Источна и Југоисточна Европа, Јулија Ворц и раководителката за комуникации, Марлис Форман. На средбата, што се одржала во Народната банка, присуствуваше и амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер.

- Дискусијата беше насочена кон евроинтеграцијата на земјава и економскиот развој, со акцент на новиот План за раст на Западен Балкан, при што двете страни ја истакнаа важноста на економската интеграција во ЕУ, како начин за забрзување на развојот на Западен Балкан и приближување на регионот до стандардите на ЕУ. Претставниците на двете централни банки зборуваа за улогата на Европската Унија во поддршката на регионалниот развој, како финансиската, така и преку споделување искуства и знаења. Во однос на ова, вредно е да се спомене и соработката помеѓу Народната банка и централната банка на Австрија, во рамките на Втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ, се наведува во сооптшението. 

Во изминатиот период преку проектот, експертите од Австриската централна банка ги споделиле своите знаења во областа на управувањето со податоците со дел од вработените од Дирекцијата за статистика и Секторот за информатичка технологија во Народната банка. Соработката, се подвлекува во соопштението, ќе придонесе за зајакнување на институционалниот капацитет и ќе биде корисна насока во преземањето натамошни чекори за спроведување на управувањето со податоците на ниво на Народната банка.

- Тема на разговор беа и продуктивноста и конкурентноста, односно потребите за конвергенција на економскиот раст на Западниот Балкан кон оној на земјите од ЕУ. И покрај присутниот напредок, предизвици сѐ уште има, особено поради релативно пониското ниво на продуктивноста и бавното приближување кон развиените економии од ЕУ. Овие поместувања во продуктивноста, при истовремен динамичен раст на платите доведува до пораст на трошоците за труд и може да делува врз конкурентноста на економијата. Во овој контекст, предмет на дискусија беа движењата на пазарот на трудот и нивното влијание врз монетарната политика, како предизвик за централните банки, во време кога сѐ уште постојат ризици за инфлацијата, соопштија од Народна банка.

Претставниците на двете централни банки изразиле подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката и поддршка во евроинтеграцискиот процес на земјава. цр/аа/

Фото: Народна банка на РСМ

Остани поврзан