Делегациско патување „Проширување на инфраструктурата за обновливи извори на енергија во Северна Македонија, Албанија, Косово“
- СООПШТЕНИЕ:
Скопје, 4 декември 2024
Како дел од делегациското патување на тема: „Проширување на инфраструктурата за обновливи извори на енергија во Северна Македонија, Албанија и Косово“, делегација од шест германски компании од енергетскиот сектор од 3 до 6 декември 2024 година се во посета на Северна Македонија, Албанија и Косово.
Оваа делегациска посета е организирана од АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во светот, надлежна за Северна Македонија, Албанија и Косово, а се реализира под покровителство на Министерството за економија и заштита на климата на Сојузна Република Германија.
Делегацијата ја предводи Андреас Хопф, регионален менаџер за Европа со фокус на енергетска ефикасност и инфраструктура во Министерство за економија и заштита на климата на Германија. Делегацијата ја сочинуваат претставници на 6 германски компании кои нудат иновативни решенија за проширување на инфраструктурата во областа на обновливите извори на енергија во Германија.
Делегациското патување започна со стручна конференција на тема: „Проширување на инфраструктура во областа на обновливи извори на енергија“ во Скопје. Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово, го отвори настанот пред повеќе од 80 претставници на компании. Таа во своето обраќање го истакна значајниот потенцијал кој го поседува Северна Македонија за обновливи извори на енергија и ја нагласи потребата од инвестиции во инфраструктурни решенија во оваа сфера, како и исклучително важниот трансфер на знаење помеѓу германските и македонските компании.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска ги презентираше плановите на македонската влада, вклучително и новиот закон за енергетика кој ќе стапи на сила во 2025 година. Таа информираше за модернизацијата на обновливата енергетска инфраструктура која директно ќе влијае врз животите на граѓаните и економијата.
Со трансформацијата до 2030 година ќе се генерираат повеќе од 15 000 зелени работни места во сектори како што се изградба, одржување и менаџирање на обновливите капацитети. Во наредната деценија се планира инвестиција од над 1 милијарда евра во обновливи извори на енергија која ќе го поттикнат локалниот економски раст.
Големиот број на учесници на самиот настан, многубројните Б2Б состаноци кои се одржаа по конференцијата, како и податокот дека настанот се пренесуваше online на албански јазик, укажуваат дека трендот на проширување на матрицата кон воведување на зелена енергија како во Северна Македонија така и регионот е од голем интерес и постојано расте.
„Матрицата за зелена енергија сè повеќе ќе биде одлучувачки фактор при изборот на локација за инвестирање од страна на германските инвеститори, но исто така ќе игра клучна улога во глобалниот синџир на добавувачи.
Ние сме многу задоволни дека со ова делегациско патување можеме да дадеме придонес, но и да поттикнеме развој на иновативни технолошки решенија, како и партнерства меѓу компании од регионот и Германија, со тоа ќе ја подготвиме Северна Македонија како локација која ќе биде спремна за иднината.“ – истакна Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово.
АХК Северна Македонија
_________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
фото: АХК Северна Македонија