Дела на македонски и бугарски уметници на изложбата „Пред екранот“ во Софија
- Во Сала 1А на Сојузот на бугарските уметници во Софија денеска во 18 часот ќе биде отворена ликовната изложба „Пред екранот“. Оваа изложба е дел од проектот „Поврзување“ на македонскиот КИЦ во Софија и ќе претстави дела од 21 автори од Македонија и Бугарија.
Скопје, 17 ноември 2024 (МИА) - Во Сала 1А на Сојузот на бугарските уметници во Софија денеска во 18 часот ќе биде отворена ликовната изложба „Пред екранот“. Оваа изложба е дел од проектот „Поврзување“ на македонскиот КИЦ во Софија и ќе претстави дела од 21 автор од Македонија и Бугарија.
Изложбата „Пред екранот“ се фокусира на информативните техники и технологии и нивното влијание врз нашите животи. Уметниците ќе ги претстават своите дела во различни техники, вклучувајќи масло и акрил на платно, графики, дигитална графика, скулптури, фотографии, видео инсталации и звучна уметност.
Изложбата е поделена на три дела: првиот дел ги вклучува македонските уметници кои живеат и работат во Бугарија, вториот дел ги претставува современите македонски уметници, а третиот дел ги вклучува бугарските современи уметници. Куратори на изложбата се д-р Иво Пецов, Горанчо Ѓорѓиевски и д-р Сузана Николова.
Целта на изложбата е да ги истражи прашањата за информацијата и дезинформацијата, како и влијанието на медиумите врз нашето општество и култура.ар/лв/
Фото:МИА архива