• четврток, 26 декември 2024

Дегустација и оценување на вина во Вински музеј Кавадарци 

Дегустација и оценување на вина во Вински музеј Кавадарци 
Кавадарци, 5 февруари 2023 (МИА) - Во рамките на меѓународниот натпревар за најдобри вински производи, во Вински музеј Кавадарци, денеска се реализира дегустација и оценување на вина во чест на празникот „Свети Трифун“.
 
На меѓународниот натпревар за најквалитетни вина, што го организира Здружението за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје, „Винотек“, во соработка со Вински музеј за регион Тиквеш се пристигнати околу 130 мостри.
 
Панче Арсовски од „Винотек“,  информираше дека стручни лица ги дегустираат и оценуваат пристигнатите мостри вина. 
 
- Истовремено, имаме и независна комисија составена од средношколци кои што се школуваат во средното земјоделско-шумарско училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци. За нив како идни енолози, ова е можност да научат нешто повеќе за енологијата од стручни лица во областа, соопшти Арсовски. 
 
Тој додаде дека се работи за производи од регистрирани производители, мали винарии и домашни индивидуални производители. Примероците вина се натпреваруваат во две категории. Црвени, бели и розе вина од последната реколта и мирни вина, постари од една година. 
 
- Настанот го организираме во пресрет на верскиот празник „Свети Трифун“ што се празнува на 14 февруари, а се смета за заштитник на лозарите и винарите. Покровители се градоначалникот и Советот на општината Кавадарци, појасни Арсовски. 
 
Најдобрите производители ќе бидат наградени, а наградите ќе бидат доделени на празникот „Свети Трифун“. свд/ар/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан