• четврток, 26 декември 2024

Девојче од БиХ изработува „Барбики“ во народни носии

Девојче од БиХ изработува „Барбики“ во народни носии

Сараево, 17 август 2023 (МИА) - Девојче од Босна и Херцеговина изработува балкански носии и народни украсни престилки за куклите „Барби“, надевајќи се дека ќе предизвика интерес за новата, тн. фолклорна „Барбика“, додека новиот филм повторно ја враќа оваа кукла во тренд во светот.

Есма Глива од Сараево го почнала својот проект пред повеќе од еден месец откако во продавница за сувенири видела кукли „со несоодветни костими“, како што вели. Есма, инаку, пораснала во семејство на играорци, па научила доста и за различните етнички и верски традиции во Босна. Таа и самата е член на околната фолк-група.

- Тоа беа некои пластични кукли облечени во костими - не беа ни вистински кукли... Тие воопшто не беа облечени како што треба, вели 11-годишното девојче.

Пријателите и семејството на Есма велат дека таа го отелотворува духот на женската независност, самостојност, како и чувството за претприемништво изразени и во филмот. Девојчето вели дека своите кукли би ги нарекла „Босанска Барбика“, а планира и костими за босанскиот „Кен“.

Есма е многу прецизна во изработката на куклите, облечени во народни носии на босанските муслимани, православните и католиците. Таа обрнува внимание на фризурите, минијатурниот накит и секоја дрруга подробност. Добива нарачки и веќе испратила кукли и во странство - Чешка, Бугарија, Туркменистан, Норвешка, Велика Британија и други држави.  си/

Фото: Фејсбук, фотоисечок.

Остани поврзан