• недела, 17 ноември 2024

Девет ученици од Кочани наградени на меѓународен ликовен натпревар во Кина

Девет ученици од Кочани наградени на меѓународен ликовен натпревар во Кина
Кочани, 29 октомври 2022 (МИА) – Девет ученици од основните училишта во Кочани, како и од Училиштето за сликање и цртање при Центарот за култура „Бели мугри“ освоија награди на меѓународниот ликовен натпревар „Jianting International Youth Painting Contest“ што се одржува во НР Кина. Учеството на конкурсот беше под покровителство на Општина Кочани и збратимениот кинески град Вуши, а наградите на учениците, чии творби биле оценети како најдобри, на пригодна свеченост им ги додели градоначалникот Љупчо Папазов. -По втор пат учествувавме на ликовниот натпревар во Кина и освоивме една прва, две втори и шест трети награди. Конкуренцијата беше огромна со оглед што учествуваа ученици од 53 збратимени градови на Вуши, кои испратија над 25 илјади цртежи. Соработката со нашите кинески пријатели ја продолжуваме со учество на натпреварот за идната година, за кој веќе е распишан конкурсот. Се надеваме дека наградените ученици тогаш и лично ќе присуствуваат на доделувањето на наградите во Кина, истакна Александра Димитрова од Училиштето за сликање и цртање при ЦК „Бели мугри“. Темата на која сликаа учениците беше „Заштита на биодиверзитетот и заедничка иднина за сите на Земјата“, а ликовните творби што ги изработија учениците од Кочани се во различни сликарски техники, од акварел до акрил на платно. та/ки/

Остани поврзан