• четврток, 26 декември 2024

Девет општини од земјава добитници на „Европската ознака за извонредно управување" на АЛДА

Девет општини од земјава добитници на „Европската ознака за извонредно управување
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - На девет општини од Северна Македонија, шест од Косово и три од Хрватска денеска им беше доделена „Европска ознака за извонредно управување" од страна на Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА). Во обраќање на настанот министерот за локална самоуправа Ристо Пенов нагласи дека многу е важно што станува збор за стандарди на Советот на Европа и што целиот процес го води оваа организација. - Во нашава земја најголем предизвик на сите нивоа на управување е зачувувањето на човечкиот капитал и вложувањето во него, истакна Пенов. Тој информираше и дека меѓу деветте општини од земјава кои ја добија ознаката „Европска ознака за извонредно управување" е и една рурална општина. Министерот за администрирање на локалната самоуправа на Косово, Елберт Красниќи, во изјава за МИА истакна дека има добра соработка со Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија, како и меѓу општините на двете земји. - Имаме една заедничка програма за меѓугранична соработка која е многу важна за нашите земји којашто ни овозможува да формираме база на пријателство и партнерство на локално ниво, истакна Красниќи и додаде дека Косово има интерес и локалното ниво да има улога во развојот на двете земји. На настанот се обрати и претседателот на АЛДА, Оријано Оточан, кој го објасни целиот процес на усвојувањето на 12-те принципи на асоцијацијата и како се тие спроведени во Хрватска. Деветте општини кои ја добија „Европската ознака за извонредно управување" во земјава се Аеродром, Берово, Битола, Виница, Куманово, Неготино, Новаци, Радовиш и Штип, кои учествуваа во проектот и успешно го спроведоа процесот на самооценување на нивната работа, при што покажале високо ниво на усогласеност со 12-те начела за добро демократско управување на Советот на Европа. „Европската ознака за извонредност на управувањето“ е воспоставена од Советот на Европа, а почнувајќи од 2021 година, АЛДА e акредитирана организација да го спроведува проектот во Северна Македонија, Хрватска и Косово. сх/сп/

Остани поврзан