• сабота, 28 декември 2024

Девет земји сакаат да се зајакне источното крило на НАТО

Девет земји сакаат да се зајакне источното крило на НАТО
Букурешт, 10 јуни 2022 (МИА) – Лидерите на девет земји од Централна и Источна Европа денеска во Букурешт разговараа за зајакнувањето на источното крило на НАТО, соочени со руската агресија врз Украина, а состанокот е одржан пред претстојниот самит на Алијансата закажан за крајот на јуни во Мадрид. - Зацврстувањето на НАТО на источното крило станува сè поитна и позначајна потреба поради зголемениот безбедносен ризик во Романија и Црното Море, изјави романскиот претседател Клаус Јоханис на почетокот на состанокот со кој копретседаваше неговиот полски колега Анджеј Дуда. На самитот на НАТО ќе биде претставен нов стратешки концепт со акцент на колективната одбрана според член 5 од Повелбата на Алијансата, рече Јоханис и повика на посилно одвраќање и одбрана како одговор на заканите од Русија. Членот 5 предвидува дека ако една членка на НАТО е жртва на вооружен напад, другите членки тоа го сметаат за чин на напад врз сите членки и можат да преземат соодветни мерки за помош на нападнатата земја. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го откажа учеството на состанокот во Букурешт поради здравствени проблеми, но се очекува подоцна да се обрати онлајн. Шефовите на држави на девет земји – Бугарија, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Романија и Словачка – ќе разговараат за влијанието на руската инвазија врз безбедноста на „ранливите партнери“ на Алијансата, вклучително и Молдавија и Грузија. јт/

Остани поврзан