• сабота, 23 ноември 2024

Деветто издание на Меѓународниот театарски фестивал во организација на Тетовски театар

Деветто издание на Меѓународниот театарски фестивал во организација на Тетовски театар

Тетово, 6 септември 2024 (МИА) - Националната установа „Тетовски театар“ наредната недела е домаќин на Деветтиот меѓународен театарски фестивал во Тетово. Претставите ќе се изведат од 10 до 14 септември во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово, а влезот за сите претстави е слободен.

-Публиката ќе има можност да погледне пет претстави избрани од екипата на Тетовски театар. Почнуваме во вторник со премиера на комедијата „Измамите на Патук“ според текст на Ѓерѓ Фишта во изведба на нашата установа Тетовски театар и во режија на Куштрим Бектеши, информираше директорот на Театарот, Абдула Османи на денешната прес-конференција. 

Во среда на 11 септември ќе биде изведена единствената претстава на македонски јазик „Чудесна терапија“ по текст на Даниел Глатауер на Драмски театар Скопје во режија на Димче Николовски. Главните улоги ги толкуваат Соња Стамболџиоска, Маја Вељковиќ Пановска и Предраг Павловски.

-Гостиварскиот театар ќе настапи во четврток 12 септември со претставата „Отворен пар“ во режија на Сулејман Рушити. Во петок 13 септември имаме претстава која ни доаѓа од Турција, од Театарот во Бурса, која ќе ја изведе претставата „Трите патувања на лоботомобилот“, посочи Османи.

Фестивалот се затвора во сабота на 14 септември со настап на Театарот од Подујево, Косово со претставата „Крилјата на пчелата“ во режија на Арменд Зеќири. Сите претстави почнуваат во 20 часот, освен последната во сабота 14 септември која ќе почне во 17 часот.ас/вј/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан