• среда, 27 ноември 2024

Дебата: Потребно е подобро користење на постојните ресурси и подобрување на условите на учениците

Дебата: Потребно е подобро користење на постојните ресурси и подобрување на условите на учениците

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Потребно е подобрување на условите за секое дете, независно од местото на живеење, да има еднакви услови за учење и развој во образовен процес, сметаат дел од учесниците на дебатата „Образование водено од реалните потреби на учениците - паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“, во организација на Здружение за истражување и анализи ЗМАИ. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, пак, смета дека нема подобрување на образованието ако не се рационализираат и трошоците. 

-Заедно со нашите странски партнери УНИЦЕФ и Светска банка работиме на проектот наречен „Оптимизација на училиштата“, од кој очекуваме силен ефект во подобрување на знаењето на учениците. Што значи конкретно тоа? Училиштата кои имаат два, пет, седум, 10 ученици, тие ќе треба да се припојат на централните училишта каде има повеќе ученици. Зошто? За тие да имаат бенефит од образовниот систем. Прво ќе се социјализираат со ученици од своја возраст, ќе се сместат во подобри инфраструктурни услови, ќе имаат подобри информатички технолошки средства на користење, ќе имаат поголем број различни наставници, ќе се издвојат од сопствената средина каде што де-факто се заробени по цел ден и ќе се дружат со деца каде што ќе можат да развијат компетитивни способности. Тоа значи дека очекуваме овој процес да им овозможи на учениците стекнување на подобри знаења, вештини и компетенции, нагласи Јаневска. 

Пред почетокот на дебата, министерката Јаневска потенцира дека Владата е посветена и решена да вложи многу во образованието, како што ветила, но постепено.

-Нема подобрување на образованието ако не се рационализираат и трошоците. Покрај овој бенефит, кој е примарен за учениците, ќе имаме и друг бенефит што значи намалување на трошоците за одржување на училишта кои де-факто немаат ефект врз образованието на учениците. Досега со помош на УНИЦЕФ и Светска банка направена е оптимизација во 10 општини, понатаму ќе видите следниот проект е уште 20 општини и се надевам релативно брзо дека овој процес ќе може да се заокружи и ние да ги направиме анализите на бенефитот од овој процес, рече Јаневска. Процесот, како што рече, се одвива во соработка со локалната самоуправа, со директорите на училиштата, со наставниците, со родителите и досега успешно е спроведен во тие 10 општини.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Лесли Милер изјави дека ќе дискутуираат за важни реформи во образовниот систем за да се подобрат резултатите од наставата. 

- Како што знаеме, земјата се соочува со криза во учењето. Според последните ПИСА-оценувања, знаеме дека над две третини од учениците имаат лоши резултати во читање, математика и науки. За ова има многу причини кои ќе ги разговараме денес. Еден од клучните фактори е недоволното време поминато во учење. Македонските ученици имаат околу 900 часови помалку време поминато во учење од просекот. И покрај значајните демографски промени во државата, образовниот систем не го има целосно приспособено начинот на кој ги организира ресурсите. На пример училишната инфраструктура, наставниот кадар и финансирње на училиштата, изјави Милер.

Според неа, има многу можности за подобрување на состојбата со подобро користење на постојните ресурси низ земјата и во рамки на општините. - Со заедничко работење можеме да обезбедиме секое дете, без разлика каде живее, во урбана или рурална средина, да има исти можности за квалитетно образование, нагласи Милер. 

Извршниот директор на ЗМАИ Виктор Митевски изјави дека се соочуваме со демографски и со инфраструктурни предизвици и со тоа, како што рече, дека градиме образование кое не е целосно фокусирано и водено од желбите на децата. 

- Реформите за кои зборуваат ресорната министерка и претставничката на УНИЦЕФ се клуч да го направиме првиот чекор за да добиеме образование каде децата ќе бидат во фокусот и децата ќе бидат крајните корисници на реформата, изјави Митевски.

Тој образложи дека оптимизацијата како процес не значи само рационализација и нагласи дека во одредени простори нас ни требаат дополнителни училишта, дополнителни ресурси, проширување на капацитетите и постигнување на стандардот за едносменско образование, кои, како што рече, ќе придонесат да ги подобриме условите и секое дете, независно од местото на живеење, да има еднакви услови за учење и развој во нивниот образовен процес. мд/ев/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан