• четврток, 26 декември 2024

Дебата „Политички митови: за употребата и злоупотребата на приказната“

Дебата „Политички митови: за употребата и злоупотребата на приказната“

Скопје, 11 март 2024 (МИА) – На Филолошкиот факултет „Блаже Конески” денеска ќе се одржи дебата со доц. д-р Кристина Н. Николовска и проф. д-р Ирина Талевска на тема „Политички митови: за употребата и злоупотребата на приказната“.

Повод за оваа дискусија е објавата на нивните најнови монографии „Антисемитизмот и холокаустот“ од Ирина Талевска и „Национални митови од маргините: факти и фикции во предмодерните црковнословенски записи“ од Кристина Н. Николовска.  

Модераторка на дискусијата ќе биде проф. д-р Маја Бојаџиевска.

Книгата „Антисемитизмот и холокаустот“ е првичен обид на Ирина Талевска да создаде општа слика за динамиките во развојот на антисемитизмот низ вековите и неговата кулминација во холокаустот. Воедно, книгата претставува и обид да се исцртаат контурите на широкиот опсег на човековото дејствување, вклучително и на неговиот капацитет да пружи отпор кон неоснованото насилство и екстремното зло. По Европската книжевност на холокаустот, оваа е втора книга на авторката што ги опфаќа овие теми, но прва наменета за помладата читателска публика.

Првата книга на Кристина Н. Николовска, „Национални митови од маргините: факти и фикции во предмодерните црковнословенски записи“, нуди толкувања на неколку значајни црковнословенски записи, дискутирајќи ги начините на употреба на овие текстови во моментот на нивното создавање, но и во современата историографија/книжевна историја. Потпирајќи се на специфичните книжевни конвенции од една страна, и на локалниот контекст, од друга, Николовска покажува дека овие документи не се транспарентни гласови од минатото на „маргинализираниот“ човек потиснат од османлиското владеење, туку комплексни текстуални фрагменти кои ги откриваат перцепциите на раномодерните јужнословенски автори за минатото, сеќавањето и политиката.свс/

Фото:Филолошки факултет 

Остани поврзан