• петок, 20 декември 2024

Дебата: Платеното политичко рекламирање не влијае на изборот на гласачите

Дебата: Платеното политичко рекламирање не влијае на изборот на гласачите

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) - Државните кампањи не треба да се плаќаат. Платеното политичко рекламирање, пак, за кое се издвојуваат значајни буџетски средства, не влијае на изборот на гласачите, беше истакнато на денешната дискусија  на тема „Отворени прашања за изборното рекламирање со државни средства“ во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги посочува дека со законските измени од декември 2018 година, се укина државното рекламирање, но само на радиодифузерите, но не и на печатените и социјалните медиуми, за што и денес се користат средства. Што се однесува до т.н. кампањи од јавен интерес, тоа не се кампањи од јавен интрес бидејќи според европската регулатива тие треба да се емитуваат бесплатно на јавниот сервис и не треба да се плаќаат. Може да има владина кампања и кампањи на државни органи и тоа го има и во сите западни демократии, но поделбата на средствата се врши под многу јасни и транспарентни критериуми.

-Изминатиот период пред 2015 година кога се распределуваа државни средства за т.н. кампањи од јавен интерес и сегашниот предлог на закон кој е во фаза на нацрт, бидејќи не е поминат на владина седница, а во кој на наш притисок овие кампањи се наречени државни кампањи, е чудно што кога некоја приватна компанија, сака да се рекламира критериум е уделот во гледаноста и слушаноста. Со сегашниот предлог закон парите се делат линеарно, што е апсолутно спротивно на каква било пазарна логика, вели Трајчевски.

Тој истакна дека АВМУ веќе го испратила своето официјално мислење до МИОА надлежно за Предлог законот во кое наведуваат дека е против тоа да има ваков вид државно рекламирање.

-Треба да има државно рекламирање, но под јасни критериуми и на транспарентен начин, но не на ваков начин како сега каде државата законски се обврзува да потроши 4-5 милиони евра на годишно ниво, без оглед дали има потреба за тоа. И што е уште пострашно, распределбата на тие пари ќе ги вршат два или три пратеника од власта и два или три пратеника од опозицијата, што буквално мислам дека и во Северна Кореја не го прават на таков начин. Ќе најдат форма ќе стават новинари да ги делат парите, а не да ги делат пратеници од Парламентот, вели Трајчевски.

Во однос на платеното политичко рекламирање (ППР), кое исто така се финансира од буџетот, тој рече дека АВМУ е вклучена во работната група за измени на Изборниот законик како координатор на подгрупата за медиумско претставување, која го изработила својот предлог, кој го доставила до Министерството за правда, а во чие донесување учествувале и претставници на ДКСП, ЗНМ, Синдикатот на новинрите, ДЗР и невладини организации. Овој нивен предлог заедно со предлозите на останатите подгрупи треба да се најде на денешниот состанок.  

-Кога зборувам за ставот на Агенцијата наш принципиелен став е да нема платено политичко рекламирање, туку да има можност политичките партии да ги претстават своите програми на јавниот сервис и на собранискиот канал. Мислам дека тоа во овој момент е неприфатлив став за политичките партии и затоа одиме со опцијата да се укине буџетското финансирање на ППР, бидејќи реалноста, истражувањата и мерењата што ги прави Агенцијата покажуваат дека ППР апсолутно нема никакво влијание врз гласачите, рече Трајчевски.

Тој презентира податоци од мониторинг од дополнителните локални избори во 2022 година во Тетово за избор за членови на Советот, каде АА која располага со поголеми средства за ППР, се рекламирала шест часа, а не освоила ниту едно советничко место,  а БЕСА која спаѓа во група на помали политички партии со помали средства за ППР, се рекламирала 36 минути и победила на изборите со 12 советници.
 
Според Миша Поповиќ, раководител на центар и постар истражувач во ИДСЦС, медиумскиот клиентелизам е значајна полуга на одржување на власта, бидејќи оние кои што ги контролираат медиумите го контролираат и наративот во општеството, начинот на кој се дебатираат општествените проблеми и е многу силно оружје во рацете на оние кои имаат моќ врз медиумите да одржуваат некаква контрола, односно го олеснува одржувањето на власта.

-Функционалниот плурализам во медиумите е значаен инструмент за демократизација на општеството и разлабавување на стегите кои може да се појават доколку оние што ја имаат контролата врз медиумите ја користат за да остварат свои приватни интереси. Токму затоа е важно кога станува збор за државното финансирање да се утврди кои се целите и дали е потребно воопшто и доколку треба кој е идеалниот начин, вели Поповиќ. 

Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“, кој е поддржан од Националниот фонд за демократија. вг/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан