• среда, 25 декември 2024

Дебата: Неминовна е реформа на изборното законодавство во делот на платеното политичкото рекламирање

Дебата: Неминовна е реформа на изборното законодавство во делот на платеното политичкото рекламирање

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Да се донесе комплетно нов или да се ревидира постојниот Изборен законик којшто е менуван многу пати досега, особено во делот на финасирањето на платеното политичко рекламирање кое е на товар на државата, а за кое институциите кои се задолжени за спроведување на изборите се едногласни дека треба да се укине.

Ова беше истакнато на денешната презентација на посебните извештаи за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на претседател на Република Северна Македонија и финансирањето на изборната кампања за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија изработени од Државната комисија за спречување на корупцијата и судирот на интереси организирана со поддршка на канцеларијата на Националниот демократски институт во земјава.

-Овој Изборен законик е менуван 30 пати, од кои најголем дел од измените се однесуваат на финансирањето, што значи политичка волја постои кога станува збор само за финансиски средства. Во Изборниот законик се утврдени голем број на недоречености, постоење на правна празнина која секако доведува до правна несигурност и до преземање одредени незаконитости, односно коруптивни дејствија. Во извештајот којшто ги нотира утврдените состојби констатирани во изборниот процес посебно внимание е посветено на овие т.н. системски слабости. По утврдување на овие системски слабости констатиравме не само ние како ДКСК, туку и сите останати институции коишто спроведуваат мониторинг и го следат изборниот процес дека неминовно е да се преземе реформа во правната регулатива дали тоа ќе биде носење на измени или дополнување на законот или ќе биде нов закон, рече Татјана Димитровска, претседателката на Државната комисија за спречување корупција.

Таа потенцира дека ДКСК е на ставот за укинување на државното финансирање, и укажа на постоењето на повеќе системски слабости во делот на платеното рекламирање и финансирањето на партиите за време на изборниот процес.

-Учесниците во изборниот процес не само што добиваат средства преку платено политичко рекламирање добиваат средства, односно овозможено е трансфер на средства од редовната сметка на партијата на сметките на учесниците во изборна кампања што значи дека дополнително е овозможено финансирање на изборните активности и од средствата од буџетот. Понатаму, рокот на уплата на донации и тоа како е значен бидејќи е овозможено по објавување на конечните резултати од изборите, односно кога ќе се знае победникот на овие избори и понатаму да се уплаќаат донации што де факто е ризик од корупција, голем број од тие донатори утре да се најдат и како договорни органи во постапките за јавните набавки, вели Димитровска.

Таа додаде дека медиумското претставување, исто така, е нерегулирано, особено во делот на користење на интернет портали.

-Изборниот законик овозможува 25 проценти од средствата од буџетот на државата да се користат за финансирање, односно рекламирање преку електронските интернет портали и дневните печатени медиуми, меѓутоа сведоци сме дека електронските портали се доминантно средство на рекламирање. Знаеме како преку ноќ во отсуство на одредени критериуми за регистрирање на овие електронски медиуми се создаваат голем број на електронски медиуми што значи дека предизвик е 25 отсто од буџетот на државата да биде искористен токму за ваков нерегулиран начин на рекламирање, наведува претседателката на ДКСК.

За тоа какви изборни нерегуларности ДКСК има забележано за време на изборната кампања, таа информира дека Антикорупциска за време на изборниот процес по сопствена иницијатива и по претставки добиени од граѓаните отворила 61 предмет за кои донеле 35 одлуки.

-По добиените одлуки поведе иницијативи до ЈО за кривично гонење онаму каде што е констатирана повреда на одредбите од Изборниот законик и од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, односно одреден број на иницијативи за поведување одговорност за одговорните лица. По една иницијатива сме известени од ЈО дека е прифатена и истата понатаму е процесуирана во правосудните органи, вели Димитровска.

Конкретно во однос на позначајните нерегуларности таа го наведе примерот со недоставувањето на податоците од страна на институциите во однос на користењето на службените возила.

-Изборниот законик е недоречен и во оваа надлежност, односно обврска е сите институции кои користат службени моторни возила податоци да достават 20 дена пред отпочнување на изборите, меѓутоа се соочивме со проблем, повеќе од 50 отсто не доставија податоци за возилата кои ги користат. Во отсуство на законско решение, односно не можност да поведеме прекршочна постапка од причина што не е утврдена глоба јавно транспарентно на нашата веб страница ги објавивме сите институции кои немаат доставено податоци за службените моторни возила бидејќи де факто тоа е и државен имот. Дополнително се обративме и до органите коишто ги избираат и именуваат да укажеме на ваквото непостапување и за преземање на одговорност од нивна страна. По објавувањето на овие податоци за институциите кои немаат доставено возила во континуитет па да кажеме и до денеска продолжува праксата на доставување на овие податоци. Сметам дека доколку се утврди глоба, меѓутоа таа глоба да биде во разумна висина ќе го спречиме ова непостапување. Бидејќи доколку нема глоба продолжува и прекршувањето на законот, доколку глобата е релативно ниска подобро е да ја плати глобата отколку да се откаже од друга корист, подвлекува Димитровска.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, посочи дека се залагаат за комплетно укинување на платеното политичко рекламирање уште при неговото воведување во 2018 година.

-Став на Агенцијата не од овие избори, туку од секогаш и кога се воведе во 2018 мислам за референдумот првпат почнаа да се трошат пари од државниот буџет за платено политичко рекламирање дека е тоа сериозен ризик за градење на (не знам каков) однос помеѓу политичките партии и медиумите и дека средствата коишто се трошат во време на изборниот процес за платено политичко рекламирање од изборен до изборен процес се зголемуваат, а тоа го гледате и согласно бројот на часови коишто се трошат за платено политичко рекламирање треба да биде укинато и политичките партии, односно сите учесници во изборниот процес треба да си обезбедат сопствени средства не само за платено политичко рекламирање туку и за сите активности коишто ги имаат за време на изборниот процес, бидејќи таков случај мислам дека во останатиот демократски свет не е познат, вели Трајчевски.

Тој посочи дека процентот, односно вкупната застапеност на платеното политичко рекламирање за време на изборни процеси од изборен процес до изборен процес се зголемува драматично и оваа година бидејќи се организираа и претседателски и парламентарни избори е постигнат сериозен своевиден рекорд во времето кое што политичките партии и учесниците во претседателската кампања го потрошија за платено политичко рекламирање.

-Во 2020 година за платено политичко рекламирање на предвремените парламентарни избори беа емитувани 470 часа  платено политичко рекламирање. За локалните избори во 2021 година во двата изборни круга имаше 763 часа платено политичко рекламирање, додека за оваа година во 2024 година за претседателските и за парламентарните избори имаше вкупно 1.417 часа платено политичко рекламирање, од коишто 850 часа беа за двата круга претседателски избори и 567 часа за платено политичко рекламирање за парламентарните избори и тоа преведено во пари заедно со средствата што се потрошени за портали, билборди, печатени медиуми е некаде нешто повеќе од 10 милиони евра, вели Трајчевски.

Во делот на интернет порталите Агенцијата, вели тој, нема надлежност и тоа што може да го каже како граѓанин по согледување на работите е дека проблем е праксата на отворање портали пред избори и нивно затворање после избори, што е работа на Обвинителството да испита кој ги отвора и со каква цел.

-Има сериозен дел од порталите коишто функционираат години наназад, ги почитуваат професионалните новинарски стандарди, тие не претставуваат никаков проблем. Сосема е нормално политичките партии да ги користат нивните услуги за платено политичко рекламирање, но секоја година е пракса дека се отвораат пред избори и се затвораат после избори соодветен број на портали и коишто едноставно голем број од нив се со исти сопственици или се портали коишто се отвораат со повеќе јазични верзии за да можат да земат пари максимално согласно јазичната верзија, бидејќи се смета дека една јазична верзија претставува како да е посебен субјект. Сметам дека како овие процедури се одвиваат, не како парите се исплаќаат – ДИК е должна да ги исплати парите, туку кој овие ги отвора и со каква цел ги отвора е работа на други државни органи, посебно на Обвинителството да испита, бидејќи постојано во исти градови, јас мислам дека од исти лица се отвораат истите портали и со тоа се нарушува медиумската слика на оние портали коишто си работат регуларно, професионално и ги почитуваат стандардите, а од друга страна им ги земаат и финансиските средства на тие портали коишто работат професионално бидејќи тие навистина заслужуваат да бидат дел од медиумскиот колач, а не оние коишто се појавуваат и исчезнуваат пред и после изборниот процес.

Претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко го изложи нивниот став дека е потребно без оглед дали ќе се укине или не платеното политичко рекламирање, ДИК да се ослободи од одговорноста околу плаќањето на државното финансирање.

-Надлежноста на ДИК е организирање и спроведување на избориут. Надлежноста на ДИК не е да учествува во облигационо-правни договори и склулчување на комерцијални договори помеѓу политички партии и привани правни лица, односно приватни медиуми. Тука можеби има и потенцијален судир на интерес, бидејќи рекламиарњето за време на избори е политички интерес партиите како учесници на изборите. Од тој аспект ДИК воопшто не учествува во начинот на договарањето меѓу партиите и медиумите, а од друга страна и се дава обврска да врши исплата за нешто што не е поврзано со нејзината надлежност, вели Кондарко.

Според него, ова е несуштинска дејноста и ним им го одзема и времето и енергијата од главните законски обврски кои им се дадени, а тоа е да спроведуваат избори.

На дебатата од страна на претставниците на граѓанското општество беше искажана потребата од отвореност на податоците и дигитализација на процесот на платеното политичко рекламирање и финансирањето на партиите со цел за полесно пристапување до овие информации. вг/аа/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан