• четврток, 26 декември 2024

Дебата на НКЕУ-МК: Правно да се регулира работењето во услови на пандемија, некои од ковид-мерките резултираа со нови родови нееднаквости

Дебата на НКЕУ-МК: Правно да се регулира работењето во услови на пандемија, некои од ковид-мерките резултираа со нови родови нееднаквости
Скопје, 27 јануари 2021 (МИА) - Во правниот систем во земјава е неопходно детално да се уредат концептите што најмногу се практикуваат во текот на пандемијата, а тоа е работа од дома и работа на далечина. Мерките што се донесоа во време на ковид-кризата резултираа со нови родови нееднаквости. Долготрајноста на пандемијата и неможноста да се предвидат идните текови на нови кризи од слична природа, ја наметнуваат потребата од системско регулирање на работењето во услови на пандемија, вклучително работата од дома и вонредниот напор во услови на пандемија. Ова беа дел од прашањата и заклучоците што беа дебатирани на осмата сесија од вториот циклус на Работната група 2 (Социјална политика и вработување – Поглавје 19) од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Правните механизми за регулирање на работните односи во услови на пандемија предизвикана од Ковид-19: лекции што ги научивме и лекции што треба да се научат“. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека ковид-кризата не е само здравствена криза, туку сериозна социо-економска и психолошка криза, заради што, посочи, бевме соочени со предизвикот како на најдобар начин се справиме со неа, без да има импликации врз нашето здравје, но и без да се одрази негативно врз нормалното функционирање на економијата. Потсети дека приоритет на Владата во изминатиот период беше зачувување на секое работно место во услови на пандемија и грижа за најранливите категории на граѓани.Се осврна на предизвиците во периодот кога многу сектори беа целосно затворени како угостителство, туризам и транспорт и заложбите на Владата, која еден период беше и техничка, преку воведување на соодветни политики и мерки да обезбеди полесно пребродување на тешкиот период. Шахпаска говореше и за затворањето на детските градинки и училиштата како дел од владината политика со цел заштита на населението од ширење на пандемијата, но и за флексибилноста на вршењето на работните задачи на вработените со работа од дома, како нов концепт кој пандемијата го наметна и како искуство кое ќе биде вградено и во новиот Закон за работни односи. Потсети и за олеснетиот пристап на граѓаните до социјалните права односно во системот на социјална заштита и ја потенцираше успешноста на социјалната реформа која ги адресира потребите на најранливите категории на граѓани. Милева Ѓуровска, национален кординатор на НКЕУ-МК и професор на Филозофски факултет при УКИМ во Скопје, истакна дека пандемијата ги погоди сите економии во светот, но посебно загрозувајќи ги слабите, односно сиромашните економии каде беше многу тешко да се состават системите тие да бидат функционални, вклучувајќи го здравството, сферата на социјалната политика... - Аналитичарите сметаат дека последиците од ваквата ситуација се споредуваат со оние од големите кризи како онаа од 1929 година и се смета дека овие последици ќе бидат уште поголеми. Социјалните последици во иднина ќе бидат многу поголеми и посурови во однос на тоа што се случи со здравствената криза. Во однос на пандемиската криза што трае веќе цела година и не сме сигурни до кога ќе трае, укажува на потребата од преземање мерки на долг рок, преиспитување на мерките што се донесени ад хок, односно мерки кои се донесени само од една итна ситуација, и на решенијата што беа донесени интервентно да се делува во куси временски периоди, истакна Ѓуровска. Марија Ристеска, директор на Здружение на граѓани „Центар заистражување и креирање политики“, рече дека невладиниот сектор вршел истражување и анализи на влијанијата на пандемијата и веќе постојат доволен број студии што покажуваат дека родот не е системски вклучен при дизајнирање на мерките за одговор на ковид кризата. - Тоа резултира со нови родови нееднаквости, па така некои од мерките доведоа жените да го преземат товарот на грижа за децата и семејството во отсуство на услуги на нега и грижа за децата и за старите лица. На пример онаа мерка што се спроведе за затворање на училиштата и градинките предизвика секој петти родител што беше ослободен од работа да биде татко, а мајките да преземат три четвртини од севкупниот товар. Знаеме и дека се зголеми и бројот на случаи на семејно насилство, рече Ристеска. Истакна дека општата забелешка е дека е дека во македонскиот правен систем не се детално уредени и општо опфатени концепите што најмногу ги практикуваме во текот на пандемијата, а тоа е работа од дома и работа на длечина. - Поради тоа, на некој начин се прогледува низ прсти со цел да не се доведеме до поголем економски крах, но продолжувањето на овој тренд може да влијае врз порастот на неформалноста и исто така може да има долгорочни последици врз здравјето на работниците, бидејќи истите се соочуваат со предизвици како да го усогласат семејниот жвиот со работата од дома. Повторно, како експерт за родови прашања, би рекла дека има диспропорционален ефект на жените во однос на мажите, истакна Ристеска. Посочи дека Законот за работни односи не го уредува начинот на организација на работата, користењето на опремата за работа, заштитата на податоците, заштитата на приватноста на работникот, обуките на рабтниците и колективните права на работниците што работат од дома и работат на далечина, а сето ова е утврдено во рамковниот договор на ЕУ во однос на работните односи. Јован Пејковски, професор на Филозофски факултет при УКИМ, истакна дека треба законски да се регулира исплатата на плата во услови на пандемија. Смета дека за вонредни напори треба да се предвиди зголемен обем на плата и награда и затоа државата треба да предивиди екстра награда за такви работни места, што тоа веќе го прави кај одредени здравственте работници, а има потреба да се дефинираат и кои се тие работни места. - Во услови на пандемија, платата не смее да се исплаќа под ниво на законски утврдената минимална плата, како гаранција за преживување и опстанок. За работни задачи за кои не е потребно присуство во објект на работодавачот, односно извршување работи од дома, потребно е да се фокусираат решенијата и правата во законот за работни односи, смета тој. Посочи дека прашања што треба системски да се уредат се максимален и минимален број на часови за работата што треба да се изврши со договорот за работа, оценување на работникот за работата, извештај за работа од дома, како и кому му се поднесува тој извештај, на кој период и за кое работно време, треба да се разгледуваат и можности за надгледување на работникот за работа од дома, имајќи предвид негово напредување во кариерата. Натаму, истакна Пејковски, како се дефинира отсуство, пауза, боледување, надоместокот на трошоци за работа од дома, начинот на контрола на квалитетот на работа, прашањето за платите и надоместоците, работодавачот да регулира за зголемен обем на работа да обезбеди надоместок за прекувремена работа, прашањето за заштита при работа, работодавачот да биде одговорен за трошоците на рабтотата, функционирањето на опремата, одржување и поправка на опремата, зајакната Интеренет врска... На ова барање се надоврзаа и професорите Лазар Јовевски, од Правниот факултет и Зоран Михајлоски од Американ Колеџ, кои нагласија дека начинот на работа од дома треба да се уреди со реформата на Законот за работни односи што е во тек. Даниел Шкобла од Институт за етнологија и социјална антропологија, Словачка академија на науките, Братислава, говореше за економските мерки што ги презеде Словачка во ковид-кризата, како што се одложување на плаќањето даноци за бизнисите, субвенции за претпријатијата... Вели дека Словачка за време на вонредната состојба донела три важни мерки - субвенции за работодавците кои го ограничиле или затвориле својот бизнис поради пандемијата, субвенции за самовработените лица, чии приходи драстично опаднале за време на вонредната состојба и нивната помош изнесува 540 евра по лице месечно, како и субвенции за индивидуални лица кои не примале никаков приход за време на вонредната состојба и тие добиваат 300 евра месечно. Истакна дека Словачка е категоризирана како земја со најнизок степен на државна помош, а критиките оделе и во насока за строгите критриуми за да се добие државната помош, поради што, посочи, Словачка сега воведува посистемски мерки за доделување државна помош во услови на пандемија. нд/са/

Остани поврзан