• четврток, 26 декември 2024

Дебата на НКЕУ-МК: Младите најранлива категорија за остварување работнички права, да се искорени дискриминацијата при нивно вработување

Дебата на НКЕУ-МК: Младите најранлива категорија за остварување работнички права, да се искорени дискриминацијата при нивно вработување
Скопје, 15 јуни 2021 (МИА) - Младите луѓе се едни од најранливата категорија на лица кога станува збор за работнички права. Стапката на невработеност на млади во С Македонија е една од највисоките во Европа. Пазарот на труд денес налага повисоки вештини и приспособливост на новите достигнувања, креативност, способност за иновативно размислување, и во таа насока треба да се развива формалното и неформалното образование. Дискриминацијата во однос на пол, политичка припадност, физичка и интелектуална попреченост, при вработувањето на младите луѓе треба да се искорени. Потребно е и креирање политики со активно учество на младите луѓе, како и промени во Законот за работни односи при вработувањето на млади лица, од определено, на неопределено време. Ова се дел од заклучоците на претставници на здруженија, синдикати, експерти и универзитетски професори, од сесијата на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија за Работната група 2 – Социјална политика и вработување (Поглавје 19), на тема „Младите и вработувањето: Што стои на патот да се добие достоинствена работа?“, во организација на Европското движење. Во обраќањето пред почетокот на сесијата, директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) - Братислава, Томаш Стражај, рече дека и Северна Македонија и Словачка делат сличности во оваа проблематика, особено во однос на вработувањето на младите. - Во Словачка исто така се соочуваме со одлив на мозоци и тоа е навистина голема бројка на млади кои се отселуваат во други земји на Европската Унија, заради студии и поголемиот дел од нив остануваат да живеат во тие земји. Во исто време, бројката на мигранти од трети земји се зголемува, но тие бројки се уште не се доволни за да се компензира одливот на мозоци, истакна Стражај. Според него, потребен е поголем фокус на реформите во оваа област, со кои ќе се овозможи пазарот на труд да биде поинклузивен, особено за ранливите групи. Марија Ристеска, директорка на Здружението на граѓани „Центар за истражување и креирање политики“ од Скопје, истакна дека во С Македонија општествените трендови не одат во прилог на младите, а истражувањата покажуваат слабо учество на младите во сите општествени текови, а тоа се изразува во ниското ниво на искористеност на младешката креативност, мал интерес на младите за вонучилишните активности, отсуство на студентски иницијативи. -Не е несоодветно да се каже дека младите се невидливи во македонското општество. Последните три години во земјава посебно се артикулира потребата за вклучување на младите во општеството и постојат податоци кои ги идентификуваат индикаторите за ваквата состојба. Аналогно на тоа, се креираат политики за подобрување на целокупниот општествен амбиент на младите. Меѓу факторите кои негативно влијаат за перспективите на младите се високата стапка на невработеност, која изнесува дури 45 отсто, рече Ристеска. Таа го посочи и проблемот за дискриминација на младите при вработувањето, а тука е главно родовата дискриминација. -Од вкупното население во земјава дури 62,3 отсто од работно неактивното население се жени, а младите на возраст од 25 до 29 години имаат стапка на неактивност кај жените – 76,5 отсто. Натаму, политичка дискриминација е еден од најчестите облици во услови кога државата е се уште најголем работодавец. Младите се соочуваат со политичка дискриминација, особено ако се симпатизери на одредена политичка партија, имаат проблем да најдат вработување или да го задржат вработувањето. За ваквиот облик се потребни нови механизми за заштита од дискриминација, рече Ристеска. Таа ја посочи и дискриминацијата со оглед на физичка или интелектуална попреченост, истакнувајќи дека младите лица со ваква попреченост се особено стигматизирани во областа на вработувањето и потребно е да се разговара за позитивните мерки што постојат, со цел да се справиме со ваквата стигматизација. -Наградувањето, особено во почетната плата е една од причините за иселување на младите што на подолг рок не е одржливо. Други мерки кои се потребни се мерки кои ќе го динамизираат пазарот на труд на начин на којшто ќе обезбедат флексибилност на работните ангажмани. Во моментов тоа се одвива бавно со овој Закон за работни односи, којшто не може да даде соодветен резултат потребен да одговори на динамиката што ја бараат младите на пазарот на труд, рече таа. Како проблем ја посочи и неформалната работа, што подеднакво ги зафаќа и младите и старите, а под неформално вработени млади лица имаме многу и тоа им оневозможува да и бидат корисници на права и бенефиции од работниот однос. Додека неформалната економија се смета за доста стимулативна во развиените земји, Ристеска вели дека во земји како С Македонија со ниски доходи, таа претставува ограничување на перспективата за развој на младите. Ивана Улична, eкспертка од Словачката асоцијација за надворешна политика, Братислава – презентираше аспекти на вработување на младите и идните трендови при нивно вработување. Вели дека нивото на урбанизација игра важна улога при вработувањето на младите луѓе. Во овој дел таа посочува дека треба да се подобри пристапот на образование на маргинализираните групи, пристап до јавни услуги, развој на ИТ секторот, подобрување на инфраструктурата, бришење на родовите стереотипи (образование и вработување, главно во маргинализираните заедници). Според неа, врз невработеноста на младите влијаат и следниве фактори – јаз во вештините, долгиот период меѓу завршување на образованието и вработувањето, недостиг на можности, како и недостиг на насоки при изборот на кариера како дел на образованието. Словачката експертка посочува дека пазарот на труд денес има потреба од работна сила со повисоки вештини. Од т.н. „тешки вештини“ на пазарот на труд денес се потребни дигитални вештини, СТЕМ вештини, познавање странски јазици, финансиска писменост, менаџирање на проекти. Додека, посочува таа, од т.н. „меки вештини“, потребно е да се поседува креативност, приспособливост, комуникациски вештини, иновативно размислување, вештини за презентирање. Во Словачка, наведува таа, постојат повеќе мерки за поттикнување на вработувањето на младите меѓу кои е се и субвенциите за вработување, што е особено атрактивно за приватните компании да вработат млади лица, при што им одреден период им се покриени речиси сите трошоци и по завршување на субвенционирањето. Исто така отворени се и т.н. „лаборатории на труд“ за пронаоѓање соодветно квалификувана работна сила, особено ИТ вештини, за кои одредена компанија има потреба. Оценува дека влијанието на мерките за да се одговори на невработеноста на младите зависи во голем дел од состојбата на економијата, и особено од способноста на пазарот на трудот да креира работни места. Габриела Маџоска од Министерството за труд и социјална политика, истакна дека иако С Македонија  не е членка на ЕУ, започна со имплементација на проектот „Гаранција за млади“, кој, како што рече, сеој се воведе како пилот во три општини во 2018 година, а во 2019 се имплементира низ целата држава со посебен фокус на три региони – Полошкиот, Североисточниот и Југозападниот, каде е најголем бројот на млади кои не се вработени, не се вклучени во обуки или во образование. - Оваа мерка им овозможува на младите до 29-годишна возраст да добијат соодветна понуда за работа, да го продолжат своето образование или да бидат вклучени во некоја мерка за вработување. Податоците покажуваат дека во 2019, околу 20.000 се опфатени со оваа мерка, од кои 52 отсто се жени а вработени се 6.004 лица. Во 2020 опфатот е околу 25.000, од кои вработени 7.424 лица, рече Маџоска. Таа дополни и дека со цел да се олесни преминот на младите луѓе од образование до вработување, во 2019 донесен е Законот за практиканство, кој дава можност на младите невработени лица одреден временски период да реализираат практична работа и тоа да им биде платено. Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА, оцени дека се неопходни се нови политики и нови мерки што ќе делуваат за поголеми социјални права на младите и апелираше до МТСП поголема вклученост на граѓанските организации во однос на мерките што се носат при вработување на младите. Димитар Низамовски, извршен директор на Младинскиот образовен форум – вели дека МОФ работи на зголемување на капацитетите и вештините за вработливост на младите, нивното подобро позиционирање на пазарот на трудот, но и како може и самите да се оспособат да го најдат своето прво работно место, да го задржат и доколку е можно да го променат. - За жал денес, младинската невработеност, во земјава, регионот, но и на европско ниво, е на критично ниво, сериозна беше ситуацијата дури и пред да се случи пандемијата, а тоа особено го видовме и минатата година кога МОФ и 12 организации, направивме анализа колку и како се има променето состојбата и точно младите како една категорија дефинитивно се повеќе погодени или оштетени во однос на просечните месечни нето примања при што кај нив се забележа пад од 2,6 проценти од просечните нето примања, при што младите беа први на удар, рече Низамовски. Тој истакнува дека од една страна се бара млада работна сила, но од друга страна во самите огласи за работа се очекува да имаат значително работно искуство, кое не е соодветно во тој даден момент. Работодавците како да не се свесни во кој момент, што и како функционира и при тоа имаат нереални очекуавања во однос на нивното искуство и што од нив се бара. Ѓорѓи Рафајловски, оперативен директор на Технолошкиот парк (SEEUTechPark) при Универзитетот во Југоисточна Европа, што постои од 2013 година, вели дека даваат поддршка на млади лица да започнат свој бизнис и им помагаат натаму во развивањето на својот бизнис, а нивна цел е и да ја зголемат соработката меѓу академскиот и бизнис секторот, односно како факултетите да ги помогнат младите во креирање на нов стартап бизнис. Нивна стратешка цел се иновациите и новите технололгии, а на стартапите, како што вели Рафајловски, им помагаат преку давање идеја-модел, деловни обуки, маркетинг и продажба, менторирање, капитал,  правни совети, канцеларии... Славица Кузмановска од Асоцијација за правно-економски истражувања и едукација, Јуридика од Скопје, вели дека во анкетата што ја спровеле на млади од 18 до 29 години, на прашањето што ги тера младите  се иселуваат во странство, најчесто имаме мислење дека тоа е висината на платата што ја добиваат меѓутоа анкетата покажала дека високата плата нема приоритет, туку повеќе обрнуваат внимание на можноста за професионален развој на нивното работно место, како и сигурноста на работното место. Младите очекуваат на место кое дава можност да се дружат со колеги, па дури потоа е вброена висината на платата како услов што би ги привлекол за одредено работно место. И Кузмановска го посочи проблемот дека кај младите постои мислење дека треба да бидат припадници на одредена политичка партија за да добијат пристојна работа, што за неа претставува системски проблем, на кој треба да се обрне поголемо внимание и да се искорени со промена на политиките што се однесуваат на младите. Ирена Ивановска, претседателка на секцијата на млади во ССМ, истакна дека најголем процент на лица кои го загубиле своето работно место за време на кризата се под 29 години, не сметајќи ги лицата кои работат во неформалната економија. -Секое четврто лице кое останало без работа е младо лице. Најголем број млади лица кои го загубиле работното место имале договор за вработување на определено време, што го потврдува податокот дека младите лица се едни од најранливата категорија на лица кога станува збор за работнички права, рече таа. Според неа, како што не може да има дискриминација помеѓу мажи и жени, така не може да има дискриминација помеѓу млади и повозрасни работници кои работат на исти позиции. -Договорите со млади најчесто се склучуваат на определено време, на три или шест месеци, продолжувајќи ги овие договори до максималниот период од пет години. Затоа ние како млади во ССМ баравме од социјалните партнери во новиот закон за работни односи ваквото ограничување од пет години да се намали на една година по што би следела трансформација на работниот однос од определено на неопределено време. На тој начин младите лица ќе добијат една сигурност во развивање на нивните идни планови за независност, планирање семејство, како и решавање на станбеното прашање, истакна Ивановска. Милева Ѓуровска, национална координаторка на НКЕУ-МК и професор на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, во обраќањето пред почетокот на сесијата рече дека меѓугенерацискиот дијалог треба да го сфаќаме како начин на јакнење на колективната интелегенција и оти гласот на младите треба да биде препознаен во креирањето на политики. -Денес, генерацијата на млади е наречена „дигитални номади“, тие се високо технолошки образовани и имаат високи очекувања. Исто така покажуваат исклучителна желба за напредување, градење кариера, поседуваат претприемнички дух и посакуваат висок животен стандард при што бараат да бидат соодветно наградени за своите вештини, рече Ѓуровска. Посочи дека Националната конвенција пред оваа сесија реализираше анкета на млади до 29 години на тема „Што стои на патот да добијам пристојна работа“, со околу стотина испитаници. - Нивните одговори ни покажаа дека овие карактеристики што ги наведов се карактеристики и на младите на нашата земја. Кога младите ќе согледаат дека нивните очекувања не се остваруваат, кога не се препознаваат во јавните политики за млади, кога комуникацијата е еднонасочна, кога е видлив проблемот за дискриминација, тогаш може лесно да разбереме зошто младите ја напуштаат земјата. Според податоците на Светската банка државата во изминатите 30 години ја напуштиле 500.000 луѓе, претежно млади луѓе, истакна Ѓуровска. нд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан