• среда, 25 декември 2024

Дебата на ИДЕУМ: Дигитализацијата е натпартиско прашање особено кога ги засега приоритетите на младите

Дебата на ИДЕУМ: Дигитализацијата е натпартиско прашање особено кога ги засега приоритетите на младите

Скопје, 11 април 2024 (МИА) — Во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во Студентскиот културен центар се одржа дебата „Digi Youth Dialogue“, на која главен фокус беа младите и дигитализацијата. На дебатата учествуваа претседателот на ИДУЕМ, Бојан Кордалов, потпретседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, како и секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ и дополнителен заменик-министер за информатичко општество во техничката Влада, Стефан Андоновски.

Кордалов посочи дека акцентот на денешната дебата е како дигитализацијата да стане национален процес и да не зависи од која политичка партија е на власт, бидејќи како што рече, дигитализацијата е натпартиско прашање, особено кога ги засега приоритетите на младите. 

— Проблемите, предизвиците и барањата на секој човек се важни, особено поентите и приоритетите на младите, а тука доаѓа и дигитализацијата. Токму затоа организираме заедничка дебата на која ќе разговараме како реално да се направи дигитализација, од интерес на секој човек, како таа да стане национален процес и да не зависи од тоа кој е или кој ќе биде на власт, рече Кордалов.

Пратеничката од редовите на ЛДП посочи дека дигитализацијата е еден од процесите за справување со корупцијата и истакна дека со денешната дебата се покажува дека приоритетот на граѓаните нема да биде заборавен во наредниот парламентарен состав. Иако државата има стратегија за ИКТ и сајбер-безбедност, вели Зајкова, сепак реалната дигитализација се уште каска. Додава дека недозволиво е во време кога светот зборува за вештачка интелегенција, земјава се уште да не може да изнајде начин како да го дигитализира општеството. 

– Знаеме дека една од темите што исто така не мачи е корупцијата, а дигитализацијата е еден од процесите со којшто ќе може да се справиме со она што значи висока, но и ниска корупција со која младите се соочуваат секој ден. Темата за дигитализација во високото образование дојде по барање на студентите и ние во Собранието веќе одржавме една расправа. За жал, поради сплет на околности Собранието веќе не заседава за време на избори и таа тема не се заврши. Темата денес е да покажеме дека без оглед од која политичка партија доаѓаме, она што е приоритет на граѓаните, особено на младите луѓе, нема да биде заборавено во наредниот парламентарен состав, рече Зајкова. 

Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ вели сме сведоци на несистемски решенија каде секоја институција има свој пристап кон дигитализацијата. Посочи дека Министерството за образование и наука, но и други институции, сведочат дека младите мораат да имаат покрај онлајн апликација и хартиена апликација. 

– Она на кое сведочиме во моментов се ад хок несистемски решенија, каде што секоја институција има свои пристап кон дигитализацијата. Оние кои успеале да одат напред, се поуспешни, а некои се оставени назад. На младите, студентите, средношколците е оставено да се снаоѓаат, така што во одредени институции имаме понапреден пристап, во други институции имаме хартиен пристап. Најпроблематичниот дел е онаму каде што имаме хибрид, онаму каде што од младите се бара да имаат и онлајн апликации, но и хартиени апликации, а за тоа сведочи Министерството за образование и наука, но и други институции, изјави Андоновски. ра/бак/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан