• четврток, 19 декември 2024

Дебата „Зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанското општество”

Дебата „Зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанското општество”

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - „Зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанското општество“, е насловена денешната дебата што ќе се одржи во организација на Граѓанскиот ресурсен центар во нејзините простории во Скопје.

- Развиено граѓанското општество придонесува за зајакнувањето на демократските вредности и ја поттикнува граѓанската свест. За да можат граѓанските организации да одговорат ефикасно на општествените предизвици и потребите на граѓаните, потребна е функционална соработка со Владата и институциите, соопштија од Граѓанскиот ресурсен центар.

Во тек е спроведување на четвртата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество (2022-2024), која треба да обезбеди поттикнувачка и одржлива околина за непречено функционирање и независно делување на граѓанските организации. Само ваквите организации, се посочува во соопштението, придонесуваат во зајакнување на демократското управување, ги рефлектираат интересите и потребите на граѓаните и се вклучуваат во структурниот дијалог.

- Со овој настан би поттикнале дискусија и за спроведувањето на Стратегијата, функционирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, државното финансирање за граѓанските организации и низа други релевантни прашања. Заклучоците од дебатата ќе се фокусираат на следните потребни чекори и активности важни за зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанските организации, велат од Граѓанскиот ресурсен центар.

На дебатата се поканети претставници од граѓанските организации, државните институции, донаторската заедница и други релевантни чинители. цр/лв/

Фото: ГРЦ

Остани поврзан