• петок, 27 декември 2024

Дебата „Ефектите од измените на Кривичниот законик во насока на подобрување на безбедноста на медиумските работници“

Дебата „Ефектите од измените на Кривичниот законик во насока на подобрување на безбедноста на медиумските работници“

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) - Во Клубот на новинари денеска се одржа дебата на тема „Ефектите од измените на Кривичниот законик во насока на подобрување на безбедноста на медиумските работници“ на која учествуваа извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски, портпаролот на МВР Тони Ангеловски, јавниот обвинител на ОЈО Скопје Искра Хаџи Василева, новинарот од ТВ24 Огнен Јаневски, и проектниот истражувач во ЗНМ Милан Спировски. 

Со измените на Кривичниот закон, што беа усвоени во февруари оваа година, се предвидува поголема заштита на новинарите и медиумските работници при извршување на нивните професионални работни задачи, затоа од особена важност е да се воспостави позитивна судска пракса со доследна примена на овие измени со цел правосудните органи да имаат проактивен пристап при заштита на правата на новинарите.

- За жал бележиме четири посериозни закани по живот на новинари оваа година, остануваат уште неколку месеци да се решат, за да нема зголемување на бројот на инциденти, кога се работи за безбедноста на новинарите. Освен овие четири, од 2014 година до денеска бележиме вкупно 83 случаи. Станува збор за кривични напади на новинари, закани по нивниот живот, уништување на приватен имот, уништување на камера, фотоапарат за време на вршење на новинарска дејност, рече извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

Позитивен аспект, вели Секуловски, е тоа што имаме развој на позитивни практики во делот на покренување на истраги од страна на МВР и преземање на истите од страна на Основното јавно обвинителство, но тој додава дека во последните две години бележиме пософистицирани методи на закани кон новинарите, а тие се преку креирање на правна несигурност за да се замолчи новинарот. Овие случаи не се регистрираат во регистарот за напад, објаснува Секуловски, меѓутоа ваквите форми на притисок може да предизвикаат многу поголема цензура, отколку конвенционалните напади.

- Во иднина ќе очекуваме поголема одговорност од страна на Собранието на Република Северна Македонија, како и од останатите органи на извршната власт, бидејќи често имало ситуација кога некој службеник биде негативно настроен, се заканува или ја попречува работата на одреден новинар, без разлика дали е тоа на јавен простор или во просториите на некоја јавна институција, лани бележевме неколку такви, дисциплинските постапки внатре во таа институција немаат исход. Сме имале неколку претставки кон пратеници, во рамки на Собранието, неколку пријави до одредени министерства, но не нѐ уверуваат дека тие доволно постапуваат кон истите овие инциденти или случаи со цел да се разрешат овие случаи, додаде Секуловски.

Помошникот на министерот за внатрешни работи за односи со јавност Тони Ангеловски, рече дека брзото пријавување и реагирање е основен услов за расчистување на случаите. 

 - Целата оваа поставеност на институциите и решеноста да се решаваат проблемите резултира со вакви статистики, каде што имаме фактички разрешница на случаите. За жал, пред 2017 година имаме случаи кои што се останати, но тогаш ние кажувавме тоа јавно, дека за некои случаи се намерно криени докази, за некои случаи не се прибрани докази, а фактички кога немаш докази после неколку години е многу тешко, скоро невозможно да го решиш случајот, рече Ангеловски. 

Откако се донесени измените, сѐ уште има малку пракса на казнување на случаите, вели јавната обвинителка на ОЈО Скопје Искра Хаџи Василева и додава дека повеќето предмети се сѐ уште во Обвинителството.

- Она што јас го знам од предметите оваа година, е дека едниот е во завршна фаза, а другите се во фаза на откривање на сторителите и собирање на доказите, така што рано е да се влечат некакви посериозни заклучоци во однос на трендовите на казнување. Она што може да се заклучи, според она што досега сме го гледале е генералниот пад на нападите. Кај жените новинарки се забележливи пред сѐ вербалните напади, кои пред сѐ се случуваат преку социјалните мрежи и се пропратени со голема доза на омаловажувачки говор и сериозни закани кои добиваат кривично правен третман, затоа што не сите форми на напади истовремено можете кривично да ги третирате, рече Хаџи Василева.

Огнен Јаневски, истакна дека медиумите треба заеднички да бидат подносители на пријавувањата на заканите или нападите кон новинарите, бидејќи како што рече, тие исто така имаат права и обврски и треба да застанат во одбрана кога е попречена работата на новинарите.

- Во 2017 година се соочив со веројатно најстрашните закани, не само по мојот живот, туку и по животот на членовите на моето семејство, во различни градови, на адреса, на телефонски броеви, со регистарски таблички на возило и сл. добив повеќе од 200 закани на сите социјални мрежи. Во тој период од различни извори се обратив до органите на прогонот, за што ми беше советувано дека секое чудо трае три дена, рече Јаневски.

Тој додаде дека особено внимание треба да се посвети на заканите и постојаните притисоци кои што доаѓаат директно од носители на јавни функции, особено тие што се на високи државни позиции, бидејќи истите се многу често врзани со одредени структури на власта, особено во структурите каде што вие треба да ги направите овие поднесоци за пријави.

Наспроти ова, вели Јаневски, ако се третираат само случаите кои доаѓаат од граѓани кон медиуми, а од друга страна не се завршуваат процесите кои што траат со години во однос на носителите на јавни функции кон медиуми, тогаш не сме постигнале никаков напредок, освен статички да прикажеме дека имаме некаков прогрес. ра/са/

ФОТО: МИА

Остани поврзан