• петок, 28 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Дебарското муфтиство, градоначалниците и СМИР го честитаат почетокот на светиот месец Рамазан

Дебарското муфтиство, градоначалниците и СМИР го честитаат почетокот на светиот месец Рамазан

Дебар, 28 февруари 2025 (МИА) - Во пресрет на утрешниот ден, кој го означува почетокот на светиот месец Рамазан, дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше, го честиташе почетокот на Светиот месец со желби за прифатени пости и молитви.

Од муфтиството преку објава на страната на Фејсбук, ги информираат верници за деновите и времето на молитвите, предавањата, донирањето средства и прехранбени артикли, кои ќе бидат наменети за семејствата во социјален ризик.

-Првиот ден на постот ќе започне на 1 март (сабота). На сите верници им посакуваме добро здравје, и прифатени пости од Севишниот Аллах. Нека ви е честит и мубарек месец Рамазан, стои меѓу другото во објавата на муфтиството.

Со истите желби светиот месец го честитаа и градоначалниците на Дебар, Маврово и Ростуше и на Центар Жупа, како и Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР).

-Ви посакувам светиот месец Рамазан да помине во побожност, мир и солидарност. Им честитам на сите кои постат, возвишениот Бог да им ги прифати делата што тој ги проповеда, посакува градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Почетокот на светиот месец Рамазан, со желби за добро здравје и радост го честиташе и градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, посакувајќи „месец со духовно исполнување, солидарност, меѓусебно почитување и заедништво меѓу луѓето“. 

-Го молиме нашиот Господар да донесе мир и благосостојба во целиот свет, особено за нашите браќа во Палестина. Да ги заштити обесправените, да ги нахрани гладните и жедните, да им даде трпение на несреќните и да даде милост во срцата на сите.  Го молиме нашиот Господар овој месец да го поминеме во пост, молитва и доброчинство. Нека ни е честит светиот месец Рамазан, порача Куртовски.

Честитка упати и градоначалникот на општина Центар Жупа, Аријан Ибраим, кој наведува дека „во предвечерието на месецот Рамазан, месецот на милосрдието и солидарноста, посакувам добар пост и благословен месец полн со светлина и мир“. 

-Сојузот на Македонците со Исламска религија на сите припадници на Исламот им го честита почетокот на Светиот месец Рамазан, месецот на постот, добрината, милоста, љубовта,и простувањето, стои во објавата на Латиф Пајкоски, претседател на СМИР.

По едномесечниот пост, првиот ден на празникот Рамазан Бајрам е на 30 март. Овој голем муслимански празник се слави три дена. вт/

Фото: Дебарско муфтиство ФБ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан