• сабота, 23 ноември 2024

Дебарските гимназијалци премиерно ја изведоа „Госпоѓа министерка“

Дебарските гимназијалци премиерно ја изведоа „Госпоѓа министерка“
Дебар, 6 мај 2022 (МИА) – Во концертната сала на Центарот за култура – Дебар дебарските гимназијалци премиерно ја изведоа претставата „Госпоѓа министерка“ од авторот Бранислав Нушиќ а во режија на професорот Џевит Мифтароски. Пред многубројната публика се обрати директорот на Центарот, Зинче Мимидиноски, кој истакна дека оваа претстава е дел од годишната програма за работа на Центар за култура-Дебар за 2022 година од областа на драмската дејност. Се обрати и директорот на дебарската гимназија „28 Ноември“ Рамадан Имери кој рече дека двете установи секогаш имале плодна и успешна соработка. „Госпоѓа Министерка“ вели режисерот Мифтароски е комедија која нема рок на траење, една од вечните теми во книжевноста, а Бранислав Нушиќ со своите дела е секогаш во мода. -Навистина сум горд и ме прави да се чувствувам среќно и исполнето, посебно, што во сите досегашни претстави глумеле, а и сè уште глумат млади од различни етнички и религиски групи, со што се докажува дека Дебар и дебрани отсекогаш биле и сè уште се пример за соживот, почит, и соработка меѓу себе, изјави за МИА, Мифтароски, кому ова му е единаесетта претстава. Задоволство е, додава тој, да се работи со младите актери, заради нивната посветеност, љубов кон уметноста и желбата за докажување и покажување на својот талент пред публика. Задоволството од изведбата не го криеше и присутната публика, од Дебар како и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше. Таа со бурен аплауз ги награди Сара Куртовска (Живка министерка) Христијан Јаковлевски (Чедо) Азрета Перо (Дара), Анес Фазлиоски (Перо писар), како и другите актери и се разбира нивниот професор и режисер, Мифтароски. вт/ки/

Остани поврзан