• среда, 25 декември 2024

Двојно намалена малолетничката деликвенција во Кочани минатата година

Двојно намалена малолетничката деликвенција во Кочани минатата година

Кочани, 21 февруари 2024 (МИА) – Во текот на 2023 година во Одделението за внатрешни работи во Кочани биле регистрирани вкупно 25 кривични дела што ги извршиле малолетни лица, што е намалување за 48 отсто со споредба со претходниот едногодишен период.

Најголем број од престапите, вкупно 18, се однесуваат на тешки кражби со вредност поголема од половина просечна плата, како и кражби во кои е користена сила врз објектите или предметите. Откриени се и четири случаи на насилство од страна на малолетни лица, од кои два се извршени врз деца.

-Што се однесува до застапеноста на деца во вкупниот број на откриени сторители на кривични дела, евидентирано е дека од вкупно кривично пријавени 219 лица, шест се малолетни, што е намалување за една третина на овие учесници во извршувањето на кривични дела во споредба со минатата година. Тоа е резултат и на преземените мерки од страна на надлежните институции, при што поголем број од децата сторители на кривични дела се упатени во казнено-поправен дом во Скопје, се истакнува во писмениот полициски извештај.

Наспроти намалувањето на бројот на кривични дела што ги извршиле малолетници, минатата година на територијата на општина Кочани е евидентиран тројно повисок процент на нарушување на јавниот ред и мир и на користењето наркотични средства и психотропни супстанци, за што се регистрирани 10 деца.

За спречување на присуството на малолетници во угостителски објекти после полноќ биле спроведени дваесетина акциски контроли, при што се откриени пет прекршоци.

Заради поефикасно превентивно дејствување и спречување на девијантно однесување на децата, полицијата до Центарот за социјални работи испратила соодветни известувања за преземање законски мерки против 15 малолетни престапници. та/сст/

 

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан