• среда, 16 октомври 2024

Двонасочна комуникација како клуч за успешна соработка меѓу општината и медиумите во Тетово

Двонасочна комуникација како клуч за успешна соработка меѓу општината и медиумите во Тетово

Скопје, 14 октомври 2024 

На барање на колегите новинари и медиумски работници од регионалниот центар во Тетово денеска се одржа работен состанок со градоначалникот на општина Тетово Биљал Касами. На средбата присуствуваа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и заменик претседателот на ЗНМ Сенат Зулбеари, како и претставници од извршната канцеларија на ЗНМ и службата за односи со јавност на општина Тетово.

Темите на разговор беа подобрувањето на комуникација со новинарите од полошкиот регион, одговарање на новинарски прашања на брз и ефикасен начин од страна на службите за односи со јавност во општина Тетово, како и потребата од споделување на двојазични соопштенија од страна на јавните установи во оваа општина.    

Градоначалникот Касами ја истакна  важноста на  подобрување на двонасочната комуникација помеѓу новинарите и медиумските работници со  општината,   но и јавните претпријатија. Тој укажа дека постојат одредени предизвици со кои се соочуваат, но исто така изрази задоволство од соработката која постои со медиумите и новинарите од Тетово, а најави дека планот е во иднина да се градат овие односи во насока зголемување на транспарентноста на институцијата со цел да се почитува  јавниот интерес на граѓаните.   

Чадиковски истакна дека информираните новинари и медиуми се од витално значење за функционална демократија. Без пристап до сеопфатни информации, способноста на новинарите да ја исполнат својата демократска улога е сериозно попречена, лишувајќи ја јавноста од суштински извор на независни и објективни вести.

Главните заклучоци од оваа средба се дека во  најбрзо време градоначалникот во соработка со службата за односи со јавност ќе има средба со медиумските работници од тетовскиот регион. На оваа средба новинарите директно ќе можат да  посочат на одредени забелешки за работата на општината и ќе биде разговарано за унапредување на заедничката  соработка во периодот што претстои.

ЗНМ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан