• недела, 22 декември 2024

Движењето ЗНАМ го достави текстот на Националната платформа до ВМРО-ДПМНЕ, очекуваат поддршка од сите политички партии

Движењето ЗНАМ го достави текстот на Националната платформа до ВМРО-ДПМНЕ, очекуваат поддршка од сите политички партии

Скопје, 20 декември 2024 (МИА) - Партиска делегација од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денеска го достави текстот на Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ која се состои од девет точки. Во состав на делегацијата, како што информираат од  Движењето ЗНАМ, беа генералниот секретар Горан Минчев, потпретседателката Весна Бендевска и потпретседателот генерал Павле Арсоски.

Бендевска пред доставувањето на Националната платформа истакна дека на рака ќе им ги достават на коалициските партнери и на политичките партии за, како што рече, да постигнеме национален консензус околу клучните работи, и на внатрешен, и на надворешен план.

-Започнуваме и ќе ја доставиме на рака на нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ. Тие ќе се запознат со содржината, а потоа ние сме подготвени да разговараме и објаснуваме позициите што се содржани во нашата понудена национална платформа, рече таа.

На прашање дали очекуваат Платформата да ја прифатат од владиниот албански коалициски партнер Влен, Бендевска нагласи дека ќе разговараат со сите партии без никакви предрасуди.

-Конечно Македонија е мултикултурно и мултиетничко општество. Движење ЗНАМ за наша Македонија, се обидува да ја врати државата, заедничка Македонија на крушевските принципи, на асномските принципи. Затоа откажувањето и пред да разговараме и да ја соопштиме содржината е претерано и избрзано. Верувам дека има можност, конечно сите сме одговорни за иднината на Македонија за нашите нови млади генерации, рече таа.

Во однос на тоа дали очекуваат поддршка за национално обединување од „Европски фронт“ иако тие се изјасниле против националната платформа, Бендевска потенцира дека тие ќе направат се за да се постигне тоа.

-Ние ќе направиме се. И веруваме дека е можно да се најдат вистинските начини и Македонија да ја вратиме на вистинскиот пат, модерна, современа европска држава. Ќе си дадеме време. Ќе разговараме и подаваме рака на сите бидејќи ова е навистина многу важен државнички чекор. Националната платформа е натпартиски, надетнички, над сите можни нивоа важна како чекор. Македонија прво треба национално внатрешно да се обедини за да зајакне нејзината меѓународна позиција, рече Бендевска.

Партиска делегација од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денеска го достави текстот на Националната платформа за македонско национално единство.

Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на 16 декември на прес - конференција го обзнани текстот на Националната платформа, чија цел, како што рече е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Република Македонија за остварување на нашата стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија. фф/аа/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан