• четврток, 26 декември 2024

Две партии во бугарското собрание ќе ја бојкотираат седницата поради враќање на гласачкото ливче

Две партии во бугарското собрание ќе ја бојкотираат седницата поради враќање на гласачкото ливче
Софија, 17 ноември 2022 (МИА) - „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“ најави бојкот на пленарната седница на 48. Народно собрание на Бугарија, јави дописникот на МИА од Софија. Повод за бојкотот  се измените на Изборниот законик донесени во второ читање во правната комисија за враќање на хартиеното ливче за гласање. Двете партии одбија да присуствуваат на седницата додека не се стават предлозите за измени на Изборниот законик, што се очекува да се случи утре. Според усвоените измени, вратена е комбинираната форма на гласање - со избор на машинско или хартиено ливче, а се укина и електронското далечинско гласање и „странскиот регион“. Пратениците во бугарскиот парламент се согласија да се зголеми бројот на потребните апликации за отворање секции во странство од 40 на 100, го затворија Јавниот совет на Централната изборна комисија и ги зголемија членовите на ЦИК на 25 лица. Народните избраници одлучија и секциските комисии да не ги предаваат техничките уреди за снимање од машинското гласање на регионалните изборни комисии, а потврдата од машината, која досега служеше за контролни цели, да се смета за гласачко ливче од машинско гласање. Копретседателот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов вели дека БСП покажала целосна лојалност кон ГЕРБ и Движењето за права и слободи и на тој начин е создадена „одмаздничката коалиција“. Кирил Петков, копретседателот на „Продолжуваме со промената“, рече дека нема да разговараат со бугарските социјалисти ниту во вториот, ниту во третиот мандат, доколку во Народното собрание гласаат за враќање на хартиеното ливче. нк/паг/

Остани поврзан