Две лозја изгореле во пожар меѓу тетовските села Глоѓи и Јелошник
- Над патот што ги поврзува тетовските села Глоѓи и Јелошник, вчера бил забележан пожар, при што горела сува трева, нискостеблеста вегетација и две парцели лојзе. Пожарот е пријавен околу 14 ча
Тетово 3 септември 2021 (МИА) – Над патот што ги поврзува тетовските села Глоѓи и Јелошник, вчера бил забележан пожар, при што горела сува трева, нискостеблеста вегетација и две парцели лојзе. Пожарот е пријавен околу 14 часот, а со интервенција на тетовската Територијална противпожарна единица целосно бил локализиран.
Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски вели дека минатата и оваа недела во тетовскиот регион биле регистрирани неколку, пред се полски пожари, во кои горела сува трева и нискостеблеста вегетација. Поради ова, Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира и ги предупредува сите кои работат или се движат на отворен простор да внимаваат со опушоците и догорчињата и да не палат огнови.
-Ова посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се ангажирани на собирање на летнината, но и кои ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите и потоа заминуваат, а огнот без контрола брзо се шири, особено кога времето е ветровито, потенцира Јосифоски.
Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш потсетува дека предизвикувањето пожар, намерно или од човечко невнимание, претставува и кривично дело за кое се предвидени ригорозни законски санкции, парични и затворски казни од најмалку осум до десет години, зависно од крајните еколошки и други последици согласно Кривичниот законик. ас/свс/