• среда, 18 декември 2024

Две лица убиени во вооружен напад во Брисел, напаѓачот во бегство

Две лица убиени во вооружен напад во Брисел, напаѓачот во бегство

Брисел, 16 октомври 2023 (МИА) – Две лица се убиени вечерва во Брисел од истрели од огнено оружје, а осомничениот е во бегство, изјави претставник на обвинителството во белгискиот главен град.

Според видеото објавено на порталот на фламанскиот весник „Het Laatste Nieuws“, напаѓачот облечен во флуоресцентен портокалов елек бил на мотор и побегнал откако отворил оган од автоматска пушка.

Медиумите објавија аматерски видеа на кои се гледа како човекот пука повеќе пати, а една белгиска телевизија објави дека двајцата убиени се Швеѓани.

Шведска требаше да одигра натпревар против Белгија подоцна вечерва на стадионот Хејсел, на околу пет километри од местото на нападот.

Портпаролката на полицијата изјави дека полицијата брзо пристигнала на местото на нападот и го опколила.

Портпаролот на обвинителот рече само дека истрагата е отворена и оти засега не може да зборува за мотивот.

Белгискиот премиер Александар Де Кро на X изрази „најдлабоко сочувство до роднините на жртвите од кукавичкиот напад во Брисел“.

- Ги следам случувањата заедно со министрите за правда и за внатрешни работи од националниот кризен центар. Ја следиме ситуацијата и бараме од луѓето во Брисел да бидат внимателни, напиша тој. јт/

Остани поврзан